Веб-апликација за поддршка на Декларацијата за отворени образовни ресурси на Македонија

По објавувањето на Декларацијата за отворени образовни ресурси во октомври годинава, Алијансата за отворени образовни ресурси ја промовира веб-апликацијата за потпишување на Декларацијата за отворени образовни ресурси која овозможува сите заинтересирани да ја изразат својата поддршка преку електронско потпишување.

Веб-апликација за поддршка на Декларацијата за отворени образовни ресурси на Македонија

Веб-апликацијата е првата алатка на Алијансата за ООР за мобилизација на широка поддршка за подобрување на отвореното образование во Македонија. Прифаќањето на Декларацијата претставува чекор напред кон унапредување и промовирање на концептот за отворено образование со цел подигање на квалитетот на целиот образовен систем, велат од Алијансата.

Преку оваа апликација и други промотивни настани во наредниот период се очекува Декларацијата да ја потпишат релевантни фактори од образовната и научната заедница, како и од владиниот, граѓанскиот и бизнис-секторот.

Веб-апликацијата е дел од веб-сајтот www.oer.mk кој претставува своевиден ресурсен центар за отворени образовни ресурси.
Декларацијата за ООР на Македонија се заснова на Декларацијата за отворени образовни ресурси на УНЕСКО донесена во Париз, 2012 година.

Алијансата за отворени образовни ресурси е отворена група на поединци, организации, институции кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – подигање на свеста и капацитетот на академската и научната јавност за создавање и користење на отворени образовни ресурси во Македонија.