Ватикан: Исус бил првиот твитерџија

Долго пред појавата на Твитер, Исус бил оригиналниот твитерџија, затоа што неговите изјави биле кратки и полни со значење. Ова го изјави кардиналот Џанфранко Равази во Ватикан, на конференцијата посветена на дијалогот меѓу верниците и атеистите што ја воспостави претходниот папа, Бенедикт 16-ти.

Според Равази, Исус користел твитови пред кој било друг, со основни фрази покуси од 45 карактери, како „љуби ги ближниот свој“. Кардиналот направил и паралела меѓу делата на Исус и денешните телевизиски програми, поврзувајќи ги преку пренесувањето пораки со помош на приказни или симболи.

Равази рекол и дека свештениците мораат да ги прифатат модерните дигитални алатки и дека ако еден свештеник не е заинтересиран за комуникација, тој ја избегнува својата должност.

Ватикан е се повеќе присутен на интернет, а само акаунтот на папата Франциско на англиски јазик има три милиони следбеници на Твитер. Папата пред неколку дена во долго писмо до весникот „Република“ одговараше на прашањата на уредникот на весникот Еуџенио Скалфари, кој е атеист.

Извор