Васил Јанкула, херојот од Преспа со церебрална парализа: Штом мислиме позитивно, ќе победиме!

„Да ги почитуваме мерките на владата, тие многу подобро знаат од нас. Да бидеме здрави, најважно е позитивно да мислиме, штом мислиме позитивно, ќе победиме“.

Ова е пораката до граѓаните на младиот спортист Васил Јанкула со целебрална парализа кој го доби името „Херојот од Преспа“, откако минатата година ја заобиколи државата со неговиот трицикл.

Јанкула пред еден месец се вработи во Општина Ресен каде е ангажиран за помагање во организирање на спортски натпревари за хендикепирани лица и лица со посебни потреби, но, моментално поради новонастаната ситуација со коронавирусот е ослободен од работа. Во разговор за Радио МОФ вели дека му недостига дружбата со неговите колеги и колешки.

„Моите обврски ги поминувам секој ден различно. Станувам сабајле, пуштам музика, кафенце, вежбам, тренирам дома и малку се вклучувам во живо од социјалните мрежи, ги мотивирам сите останати, да не се секираат, ќе помине ова, нема ништо“, порачува Јанкула.

Ако не си психички спремен, вели Јанкула, и поради самата паника „ќе паднеме во депресија“, додавајќи дека тој е спремен и нема никаков проблем.

„Иако не сум научен да седам многу, многу шетам, многу скитам, тоа ме прави среќен, мотивиран и  друго, ама, мора да се држиме по мерките на владата, за наше добро, за сите нас се работи“, додава Јанкула.

Тој посочува дека не секој од лицата со посебни потреби може да би затворен дома, односно дека постојат разни видови на попреченост.

„Сега не знам како ќе биде со полицискиот час, ама мислам дека дадоа добри пораки за лицата, затоа што и на нив им треба да излегуваат барем по еднаш, два пати дневно“, вели Јанкула.

Васил (во средина) со неговите браќа деновиве

Неговата пасија пак, велосипедизмот моментално е ставена на мирување, откако му се јавиле проблеми со ногата.

„Минатото лето извозив над 3.000 километри, обиколка низ Охридско езеро и повеќе дестинации, ама ми се јави последица, ми се закочи малку тетивата во ногата, и ногата ми е за операција. После ова што се случи, требаше сега периодов да ја правам операција, за жал, со короната се откажа се, и сега морам да чекам во мирување. Јас возам, ама не е тоа тоа. Ако возев по 50 километри на ден, сега можам да извозам по 5-10 максимум. За да не направам поголем проблем“, објаснува Јанкула.

Разговорот го заврши со позитивна мисла и порача „секогаш ако одиме со негативни работи, никогаш не можеме да успееме.  Ако одиме со позитивна енергија, се во животот ќе успееме“.

Мартин Колоски