Вардариште со години ги труе скопјани, градот сега ќе прави студија

Чад и неподнослив мирис редовно се издигаат над Вардариште, старата скопска депонија која сеуште им го загорчува животот на Скопјани. Најпогодени се оние што живеат во Ново Лисиче и Аеродром. Велат спиеме со затворени прозорци среде лето.

Вардариште со години ги труе скопјани, градот сега ќе прави студија

„Секое лето е вака, таман ќе затопли ќе почне да чади. Од една страна фабриките од поранешна Железара, од друга Вардариште. Овде станува неподносливо за живеење“, вели 34-годишниот Бојан чиј стан гледа кон депонијата.

На социјалните мрежи и блоговите се шират сликите за тоа што се случува во депонијата. Дел од граѓаните редовно ги документираат највпечатливите денови кога густи облаци чад се креваат над депонијата. Истовремено се жалат дека никој ништо не презема за решавање на проблемот.

Надлежните допрва ќе бараат решение за Вардариште. За почеток се најавува студија, дури потоа ќе се утврдува што да се прави со Вардариште.

„Градот Скопје многу брзо за десетина дена ќе објави тендер за изработка на студија за ревитализација на депонијата Врдариште, заради тоа што знаеме таму има огромна количина на смет. Исто така има гасови доле за кои треба да настане одгасување бидејќи не излегуваат на површина. Ова во еден догледен период ќе биде пречка, така што после оваа студија ние ќе знаеме што треба да правиме со Вардариште“, изјави градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

По 4 децении одлагање на сметот, пред неколку години депонијата Вардариште официјално беше затворена , а отпадот почна да се носи на Дрисла. Во меѓувреме и покрај најавите за ревитализација на просторот, досега ништо конкретно не е сторено.

Ј.Ј.