Познатиот сликар и илустратор Ване Костуранов ќе биде уметнички директор на овогодишното издание на Mеѓународниот фестивал за литература за деца и илустрација „Литера 2020“, соопштија од фестивалот.
Костуранов со своето искуство и знаење треба да придонесе за збогатување на визуелниот и содржинскиот сегмент на фестивалот. По премиерното издание минатата година, организаторите најавуваат дека „Литера 2020“ ќе биде уште повозбудливо доживување за најмладите, родителите и професионалците. Целта е на интересен и креативен начин да се поттикнат читателски навики, да се создадат високи естетски вредности кај децата и да се подигне свеста за важноста на емоционалната интелигенција кај децата. Професионалците ќе имаат можност да присуствуваат на мастер-класови на светски имиња во полето на илустрацијата.
„Костуранов е голем пријател на Литера, беше еден од учесниците на првото издание во 2019 година и несебично го поддржува развојот на фестивалот. Неговото творештво во изминатите неколку години е мотив и инспирација и за нас како организатори на фестивалот, но и за голем број млади автори. Токму затоа, на взаемно задоволство, одлучивме тој да стане дел од тимот кој ќе работи на Литера 2020“, вели Софија Семенпеева, извршен директор на фестивалот.
Ване Костуранов е уметник и илустратор, автор на сликовниците „Ѕвездено дете“ и „Девојче и мече“, кои добија први награди за Најдобро ликовно – графичко уредено издание на Саемот на книга во Скопје во 2018 и 2019 година. Сликовницата „Девојче и мече“ се најде и на престижната листа „Белите гаврани“ (The White Ravens) во 2019 година, селектирана од Интернационалната библиотека за млади во Минхен (International Youth Library). Деновиве е актуелен со неговата трета сликовница „Девојчето и градот“.
Литера 2020 ќе се одржи од 10 – 12 април во Младинскиот културен центар во Скопје.