Во Валандово утре ќе се одржи референдумот на кој жителите од оваа општина треба да кажат дали сакаат да продолжи или да запре работата на рударскиот комплекс Казандол, и дали да се отворат новите рудници за метални минерални суровини.
Од иницијативата „Спас за Валандово“ велат дека се подготвени за референдумот кој е од исклучителна важност за жителите на овој рурален регион.
„По референдумот прстот ќе биде вперен во централната власт, која мора да одговори на ставот на граѓаните. А ние ќе ги планираме нашите следни чекори според одговорот и постапките на централната власт“, вели активистката Викторија Стојчева. Нејзиниот сограѓанин Глигорчо Павлов пак додава дека утре е најважно да има успешен референдум и масовна излезност.
Во општината која има нешто над 10 000 жители, за успешен референдумот е потребно утре да излезат најмалку 5.200 граѓани, со право на глас. Референдумските прашања гласат „Дали сте за или против отворање рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територијата на Општина Валандово“ и „Дали сте за или против продолжување со работа на рударскиот комплекс Казандол“. Се гласа со заокружување на „ЗА“ или „ПРОТИВ“.
Активисти веќе реагираа на случаи со делење пропаганден материјал низ повеќе населени места во општина Валандово и прекршување на член 12 од Законот за референдум, според кој „јавната пропаганда за референдумот мора да заврши најдоцна 48 часа пред денот на гласањето“. Незаконско однесување е пријавено во ОИК и МВР.
Валандово е четвртиот град каде што ќе се одржи референдум. Жителите на Гевгелија, Богданци и Дојран веќе се изјаснија против отворање рудници, а најавени се уште два референдуми во Ново Село и Босилово, за рудникот Иловица.
Советниците на Општина Валандово на итна вонредна седница ја потврдија одлуката за распишување на референдум. На тој начин беше избегната потребата да се чека потпис од градоначалникот, кој веќе се изјасни дека нема да ја потпише одлуката, појаснуваат од „Спас за Валандово“. Со тоа, одлуката и без потписот на градоначалникот стана полноправно важечка, па откако Советот ја потврди и не можеше да биде прогласена за невалидна, според Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.
Ова е прва граѓанска иницијатива која стигнала до референдум без потпис на градоначалникот, според законот кој е донесен во 2005 година, велат од иницијативата.Градоначалникот Николче Чурлиновски во повеќе наврати јавно кажа дека одлуката за распишување нема да ја одобри.