Валандово оди на референдум за рудникот Казандол на 20 август

Советниците на Општина Валандово на итна вонредна седница ја потврдија одлуката за распишување на референдум. На тој начин нема да има потреба да се чека потпис од градоначалникот, кој веќе се изјасни дека нема да ја потпише одлуката, појаснуваат од „Спас за Валандово“. Со тоа, одлуката и без потписот на градоначалникот е полноправно важечка, доколку Советот уште еднаш ја потврди и не може да биде прогласена за невалидна, според Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

Ова е прва граѓанска иницијатива која стигнала до референдумбез потпис на градоначалникот, според законот кој е донесен во 2005 година, велат од иницијативата. Поради опструкциите со кои иницијативата претходно се соочуваше и отпорот на градоначалникот и членови на советот, валандовчани одлуката за референдум ја донесоа исклучиво со помош на советниците. Градоначалникот Николче Чурлиновски во повеќе наврати јавно кажа дека одлуката нема да ја одобри.

„Сега цела работа не е само на иницијативата. Стигнавме до референдум, и сега сите граѓани треба да работиме за оваа кауза“, вели Симона Гетова, активист на „Спас за Валандово“.

„Ова е огромен отскок во права насока за непосредното демократско изјаснување на граѓаните во нашата општина, па и во државата. Како прва граѓанска иницијатива која стигнала до референдум на овој начин, сакаме да се заблагодариме на сите оние кои одлучно застанале на вистинската страна на историјата! Заедно докажуваме дека како обединето и одлучно граѓанство можеме многу!“, објавија активистите на „Спас за Валандово“ на Фејсбук.

Освен референдумот во Општина Валандово на 20 август, и Општина Дојран ќе гласа за истиот рудник на 23 јули.

Претходно, градоначалникот Николче Чурлиновски одби да ја потпише одлуката за референдум, под изговор дека се работи за „неосновано и нелегално трошење на буџетски пари“. Граѓаните на Валандово претходно два пати собираа потписи за иницијатива за распишување локален референдум.

Соседните општини Богданци и Гевгелија со огромна излезност и повеќе од 90% од гласовите дадени против отворање на рудниците, кажаа „не“ на рудниците на Кожуф и Казандол.