Потребните потписи за одново покренување на граѓанската иницијатива која се бори против отворање на рудникот „Казандол“ во Валандово се собрани, соопштуваат од „Спас за Валандово“. Во рок од три часа, над 100 валандовчани го дале својот потпис за иницијативата што се спротивставува на отворање на рудникот за бакар, колку што и беа потребни.
Собирањето на потписи трае до 14 часот, за да може тие уште денес да им се достават на Претседателот на Советот и Општината Валандово.
Ова е само првиот чекор од процесот, откако првичниот обид за распишување на референдум беше неуспешен. По ова, следува фазата кога Советот на општината е должен да покрене постапка за распишување на референдум. Во оваа фаза се потребни околу 2000 потписи за да референдумот биде распишан.
Во последната фаза, граѓаните директно со својот глас даваат одговор на референдумското прашање. Потребна е излезеност на најмалку половина од регистрираните гласачи во општина Валандово, односно треба да гласаат најмалку 5000 гласачи, а мнозинството од нив ќе одлучи за исходот.
„Оштина Валандово има право како и сите соседни општини преку непосредно изјаснување на граѓаните преку референдум да се изјасни дали сака развој на тешка и загадувачка индустрија на своја територија“, стои во апелот на „Спас за Валандово“.