Валандовчани денеска ќе блокираат со механизација за одржување на референдум

Од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ најавија блокада за денеска, од 11 часот на крстосницата Валандово-Пирава-Марвинци.

Причината за ова како што велат е несвикувањето на итна седница од страна на претседателката на Советот на општина Валандово, на која Советот треба да донесе одлука за одржување референдум на 9-ти јули.

„Со оваа нејзина постапка само потврдува дека работи против интересите на граѓаните, а со тоа го зголемува револтот и недовербата на граѓаните кон локалните власти“, велат од иницијативата.

Тие од синоќа започнаа да ги повикуваат жителите да им се приклучат на блокадите.

Од „Спас за Валандово“ уште минатата недела најавија дека ќе излезат на улица доколку не им се прифати барањето и не се распише референдум. Тие пред три дена ги предадоа потребните потписи до општинските власти.