Од компанијата „Фајзер“ денеска изјавија дека нивната вакцина против коронавирусот е 95 отсто ефикасна и дека нема сериозни несакани ефекти, односно, ова го покажуваат податоците од првиот сет на целосни резултати од испитувањата на вакцината, пишува „Њујорк Тајмс“.
Податоците покажуваат дека вакцината спречува благи и тешки форми на Ковид-19, соопштија од компанијата, а оттаму додаваат и дека таа имала ефикасност од 94 отсто кај повозрасните лица, кои се поранливи на Ковид-19 и кои не реагираатсилно на некои видови вакцини.
Од „Фајзер“, кои ја развиваат вакцината заедно со партнерската компанија „Бионтек“, изјавија дека компаниите планираат за неколку дена да поднесат барање за итно одобрување на вакцината до Администрациајта за храна и лекови (ФДА), со што се зголемуваат надежите дека ефикасна вакцина наскоро може да стане реалност.
Резултатите од испитувањето, помалку од една година откако истражувачите започнаа да работат на вакцината, ги преминаа сите рекорди за брзина за развој на вакцини, процес кој обично трае со години.
Доколку ФДА ја одобри вакцината која се состои од две дози, „Фајзер“ соопшти дека може да има на располагање до 50 милиони дози до крајот на годината и до 1.3 милијарди дози до крајот на следната година.
Од коронавирусот досега во светот се заразени над 56 милиони луѓе, а починале над 1.3 милиони лица.