„Бионтек“ тврди дека вакцината за Ковид-19 која ја развиваат е со ефикасност од 90 отсто

Германската компанија „Бионтек“ заедно со американската партнерска компанија „Фајзер“ денеска објавија дека раните резултати од тековните испитувања во третата фаза на вакцината која ја развиваат е со 90% ефективност во спречување на заразата со Ковид-19, јавува „Дојче Веле“.

Според соопштението на двете компании, тие не наишле на сериозни здравствени проблеми кои можат да произлезат од вакцината. Истражувачите, пак, веруваат дека ефектите на имунизација нема да краат кратко.

Доколку се докаже, вакцината ќе биде голем чекор напред во борбата против пандемијата на коронавирусот.

Извршниот директор на „Бионтек“ Угур Сахин, за „Ројтерс“ изјави дека „треба да бидеме пооптимистични дека ефектот на имунизација може да трае најмалку една година“.

„Првиот сет на резултати од истражувањето на вакцината во третата фаза, ги дава првичните докази за можноста на вакцината да спречи зараза со Ковид-19“, рече претседателот и извршен директор на „Фајзер“ Алберт Боурла.

Анализата од експерименталните испитувања на вакцината ефективно спречи зараза со Ковид-19 кај испитаниците кои претходно не биле заразени со вирусот, се вели во соопштението.

Во испитувањето кое трае од крајот на јули, учествуваа над 43.500 луѓе. Двете компании соопштија дека ќе наредната недела ќе аплицираат до американската Администрација за храна и лекови за одобрување на вакцината. Ефективноста од 90% е далеку над ефективноста од 50% што ја бара американската Администрација за храна и лекови за да се одобри вакцина за коронавирусот.

„Фајзер“ и „Бионтек“ веќе имаат договор од 1.64 милијарди евра за испорака на 100 милиони дози вакцини во САД. Исто така, тие имаат договори со Европската унија, Велика Британија, Канада и Јапонија. Производството на вакцината е веќе започнато со цел да се заштеди време. Оттаму очекуваат до произведат до 50 милиони дози во 2020 година, што е доволно за да се вакцинираат 25 милиони луѓе.

Од „Фајзер“ очекуваат дека до 2021 година може да произведат до 1.3 милијарди дози од вакцината.