Вагинологот Марија – врска помеѓу девојките и гинеколозите

„Јас сум Марија. Тука сум да ви помогнам да ги најдете одговорите поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје. Јас сум алката која ви недостасува во комуникацијата во вашиот гинеколог. Јас сум ваша пријателка. Јас сум вашиот вагинолог“.

Вагинологот Марија – врска помеѓу девојките и гинеколозите

Ликот на вагинологот Марија на социјалните мрежи се појави пред точно два месеци во рамки на кампањата иницирана од младинската група на Х.Е.Р.А, а со цел подобрување на сексуалното и репродуктивно здравје кај девојките. Досега има околу 6 200 следбеници на Фејсбук, над 2600 прегледи на Јутјуб, бројни читатели на блогот и се поголем број поставени прашања. Како што појаснуваат од Х.Е.Р.А. потребата од ваква кампања во земјава е голема бидејќи кај младите девојки постои огромна неинформираност кога станува збор за женското здравје.

„Податоците до кои дојдовме покажуваат дека младите низ државата имаат недостаток дури и од најосновни информации за сексуалниот живот. Така, само 5,6 проценти од студентите во Скопје користат орална контрацепција, додека 25 проценти сметаа дека најдобра заштита е со прекин на сексуалниот однос“, објаснуваат од Х.Е.Р.А за Радио МОФ.

Во моментов сите активности се одвиваат на социјалните мрежи бидејќи, според Х.Е.Р.А дури 95 проценти од населението овде има профил на Фејсбук, а високи 65 проценти редовно користат интернет. Затоа, тие веруваат дека токму интернетот ќе го популаризира ликот на Марија со цел подигање на јавната свест.

„Моментално живееме во време исполнето со митови и предрасуди, посебно упатени кон женската популација, а кои се однесуваат на нивното сексуално и репродуктивно здравје. Ова придонесе да се влоши ситуацијата кај некои од нив“, укажуваат од Х.Е.Р.А.

Од младинската група се надеваат дека кампањата ќе помогне во подобрување на положбата на девојките во општеството, но и за надминување на предрасудите и дискриминацијата.