В недела се одржува осмиот Марш на толеранција „Омразата е слабост“

Политичката состојба во која се наоѓа македонското општество, особено последната деценија, предизвика многу негативни и насилни трендови кои се во спротивен правец на заштитата, гаранцијата и остварувањето на човековите права и слободи, стои во повикот за осмиот Марш на толеранција, кој се одржува во недела (13 ноември) со почеток од 12 часот од Музејот на Град Скопје.

Овогодинешниот Марш го носи името „Омразата е слабост“, посветен е против говорот на омраза, а е организиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од Комитетот велат дека меѓу другото, негативните и насилните трендови се однесуваат и на влошувањето на општествените, социо-културните, економските и политичките позиции на одредени групи и поединци во македонското општество, кои се ранливи и на маргините на општествената функционалност.

„Наспроти таквата ризична динамика за сиромашните, Ромите, ЛГБТИ луѓето, луѓето со попреченост, бегалците, припадниците на помалобројните етнички заедници, постојано се искористувани за политичките секојдневни судири и се жртви на истите, при што принципот на еднаквост на сите граѓани на Република Македонија повеќе не е валиден и уставно загарантиран принцип. Тоа подразбира дека припадниците на овие ранливи и маргинализирани групи, постојано се изложени на насилство, кон нив е користен говор на омраза и тие се цел на дела од омраза. Оттука, со тоа што нивните фундаментални карактеристики се нападнати токму преку овие негативни трендови – на говор на омраза и дела од омраза – од овие групи и поединци се прават места на повреда, и некои идентитети се вреднуваат повеќе од некои други идентитети. Поттикнати од овие негативни трендови и потребата од промена на јавниот сервис и јавниот дискурс, како и потребата од враќање на принципот на еднаквост, Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ по осми пат го организира Маршот на толеранција“, се вели во соопштението во пресрет на Маршот.

Овогодинешниот Марш е поддржан од Платформата против говор на омраза, од каде се спротивставуваат на културата на неказнивост и ги повикуваат надлежните државни институции: Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и судовите да преземат итни и неодложни мерки за гонење и санкција на говорот на омраза.

Инаку, рута на маршот е Музеј на град Скопје – улица „Македонија“ – плато пред Универзитетот на ЈИЕ. По завршувањето на Маршот на толеранција, ќе биде промовирана видео-кампањата против говор на омраза со слоган „Омразата е слабост“.