Утврдена дискриминација во шоуто на Миленко Неделковски

Комисијата за заштита од дискриминација утврди вознемирување и поттикнување на дискриминација врз основа на сексуална ориентација сторена од страна на телевизијата Канал 5 со снимање и емитување на серија епизоди од ТВ-емисијата „Миленко Неделковски Шоу“ во јануари и февруари 2016 година. 

Мислењето на Комисијата доаѓа по две години и пет месеци од емитувањето на емисиите. За овој случај Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во март 2016 година достави писмен извештај до Комисијата за извршен програмски надзор во кој се констатира говор на омраза врз основа на сексуална ориентација.

„Наместо поднесениот извештај од страна на Агенцијата да го третира како претставка и да постапи по него согласно законот, претседателот на Комисијата, Александар Даштевски, по осум месеци испрати писмо полно со небулози во врска со надлежностите на Комисијата и со примена на правото на аматерски и несериозен начин. Воедно со ова писмо, претседателот на Комисијата го прекрши законот во делот на постапувањето на Комисијата бидејќи писмото го напиша самостојно без да ги консултира останатите членови. Членот на Комисијата Беким Кадриу се огради од писмото и изјави „Прво, ова писмо на Претседателот не е никаков став на Комисијата. Писмото нема форма ниту на одлука, на мислење или на заклучок. Со тоа, ваквото ‘писмо’ не е усвоено на седница на Комисијата туку претставува израз на лична волја на претседателот. Второ, со завршување на постапката по претставката на овој начин, без усвојување на мислење од Комисијата како колективно тело, Претседателот ја злоупотребува положбата и узурпира надлежност на Комисијата“, велат од ХЕРА.

Претседателот на Комисијата на овие обвинувања изјави дека не се работело за претставка, па затоа самостојно го напишал одговорот, по што за истиот случај Коалицијата „Маргини“ и ХЕРА испратија и официјална претставка во февруари 2017 година.

„По официјалната претставка следеа обиди за одолговлекување со барања за дополнување на претставката. Комисијата побара граѓанските организации да ја обезбедат адресата на Миленко Неделковски иако Комисијата има можност овие податоци да ги добие од Министерството за внатрешни работи како надлежен орган, а од друга страна, пријателството на Неделковски со дел од членовите на Комисијата ѝ е познато и на јавноста. По ова, Комисијата побара од граѓанските организации да обезбедат полномошна од лицата кои Миленко ги споменува во емисијата, иако согласно законот, тие имаат легитимен интерес во свое име да ја поднесат претставката“, велат од ХЕРА.

„Симптоматично е што мислењето на Комисијата со кое утврдува дискриминација против „Миленко Неделковски Шоу“ пристигнува во пресрет на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација со кој се предвидува нова институционална рамка која, меѓу другото, значи и прекинување на мандатот на членовите на Комисијата. Со оглед на тоа што мислењето стигнува предоцна, а шоуто повеќе не се емитува на телевизијата Канал 5 , ефектот од ова мислење во однос на заштитата и спречувањето на дискриминацијата речиси и да не постои“, додаваат.

Од организацијата не веруваат дека намерата на ова тело не е да ги заштити граѓаните од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација, туку да се обиде да го оправда своето постоење во пресрет на новиот закон за спречување и заштита од дискриминација.

„Токму долгогодишниот пасивен однос и толерирањето на различни облици на дискриминација од страна на Комисијата придонесе кон потребата од нов закон“, велат од ХЕРА.