Утре започнува натпреварот за роботика RoboMac 2015

Годинава по шести пат од 9 до 14 јуни ќе се одржи семинарот за роботика RoboMac 2015 , чија цел е популаризација на роботиката меѓу студентите од Македонија и Европа. Отворањето ќе се одржи во амфитеатарот на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје , со почеток во 11 часот.

На настанот ќе учествуваат 60 домашни и 20 странски учесници, кои по четиридневната обука ќе си ги одмерат силите на финалниот натпревар. Во рамките на RoboMac 2015 предавања ќе одржат истакнати професори и македонски експерти во доменот на роботиката, кои ќе им го пренесат своето знаење на учесниците.

Идејата е RoboMac да oвозможи практична работа од областа на роботиката, меѓусебна размена на знаења и искуства од оваа област помеѓу домашните и странските учесници, но и да ја приближи роботиката кон средношколците.

RoboMac 2015

Учесниците во текот на семинарот ќе присуствуваат на предавањата, а истовремено ќе работат мешани тимови и ќе ги склопуваат своите роботи, ќе ја развиваат нивната вештачка интелигенција и ќе ги подготвуваат за финалниот натпревар. Како и секоја година, се со цел да се задржи трендот на иновативност и внесување на новитети во натпреварувањето, и оваа година ќе се промовира нова категорија – AI and PI (Artificial Intelligence and Raspberry PI). Целата манифестација ќе кулминира на 13 јуни, кога ќе се одржи финалниот натрпеварот во Домот на АРМ и ќе бидат прогласени победниците во категориите:

Сумо – два робота се борат помеѓу себе со цел едниот да биде исфрлен од рингот;

Роботска рака – да се истакнат прецизноста, брзината и стабилноста на роботската рака која ги симулира движењата на човековата рака;

Хуманоид – се оценува комплексноста на изведената точка;

Трка – роботи кои следат линија ќе се тркаат на патека;

Right Target – роботите поминуваат по одредена шема пребарувајќи го точниот распоред на балони кои треба да ги дупнат по однапред зададен редослед.

AI and PI – интелигентни агенти, програмирани на платформа Raspberry PI, ќе се натпреваруваат меѓу себе во логички игрa.

RoboMac 2015 е во организација на Студентскиот огранок на Македонската секција на ИЕЕЕ и Студентскиот парламент на ФЕИТ – две студентски организации, кои се активни на техничкиот кампус на УКИМ.