Тринаесетото издание на фестивалот на електронска музика „Смотра“ започнува утревечер, 11 јули, со почеток од 21 часот во стара битолска чаршија. Ќе трае два дена, петок и сабота, а музика ќе пуштаат домашни изведувачи.
„Смотра“ ќе го отвори Robotek – еден од пионерите на македонската електронска сцена. Тој е активен од средината на 90-тите, неговиот музички пат започнува со амбиентална електроника и техно, а со текот на времето се развива во препознатлив фузиран стил: електро, тек-хаус, синтвејв, па сè до инди денс како негов актуелен музички потпис. Зад себе има неколку албуми и EP-a, а неговото име стои и зад аудио продукција за филм и телевизија.
„Неговите диџеј сетови се микс од нешто ново и нешто старо, но секогаш оригинално, секогаш свежо. Нашата соработка со Robotek започна уште во 2010 година кога настапи во подземна гаража во Битола на еден од најсилните андерграунд рејвови што градот ги памети. 15 години подоцна, со истата енергија, Robotek се враќа спремен да нè поведе низ звучна одисеја на првата фестивалска вечер во битолската чаршија“, велат организаторите „Асоцијација 615“.
По него на бината ќе се качи Т:Zobe, име кое одамна одекнува на битолската техно сцена. Со своите сетови, Т:Zobe настапува на голем дел од настаните на „Асоцијација 615“ и, како што велат оттаму, остава печат со својот уникатен музички израз.
„Сè започна во 2007, кога со победа на диџеј натпревар се издвои како најталентиран млад артист. Член на легендарните Domino Dancing и Fresh Union, низ годините оставаше траги низ клубовите во Македонија. Од сурово техно, преку breakbeat вибрации до футуристички мелодии, неговата селекција секогаш носи приказна“, истакнуваат од организацијата.
Тие се потсетуваат на неговиот настап пред 15 години, кога заедно со Robotek биле дел од еден од највпечатливите рејвови во Битола. Петнаесет години подоцна, во ист состав, повторно ќе настапат.
Во саботата во Безистен во старата битолска чаршија, исто така од 21 часот, на бината ќе настапи Љубен Дерибан – L.O.V.D со dj set + live. Дерибан е музичар и продуцент од Скопје чиј музички акт комбинира различни жанрови како Electro, Breakbeat, EBM и G-Tech, со фокус на енергични, ритмички и аналогно-базирани перформанси. Редовно самоиздава музика и активно настапува во живо, со претходни настапи во Брисел, Виена, Будимпешта, Приштина и Скопје.
„Во јуни 2025, песната ‘Rough Reel’, создадена заедно со Herzel, беше издадена на винил како дел од компилацијата ‘Volume Four’ на лондонскиот лејбл ‘Kultur Galerie’“, информираат од „Асоцијација 615“.
„Смотра #13“ ќе го затвори Мартина Пенева, мултидисциплинарна уметница од Скопје, која музичката кариера како диџејка ја започна во 2021 година со звучен идентитет на границата помеѓу техно и транс музиката преку спој на психоделични бранови. Главниот фокус во нејзините сетови е на hypnotic dark techno, psychedelic, acid и break beat. Дел од нејзините перформанси се на Биеналето за млади уметници во МСУ, Манифеста Биенале во Приштина, Скопје Прајд, Здраво Млади, Земјотрес, Д-фестивал. Сцената ја има делено со голем број македонски и странски артисти меѓу кои: Parrish Smith, Volition Immanent, Ian Blevins, Ness, Bufiman, Back to Mars, Braincell и други.
„Беше дел од резидент диџеите во ‘Амок Радио’ со нејзината месечна емисија ‘In Between’, чија идеја беше да претставува една состојба каде општествените улоги исчезнуваат, движењето го заменува јазикот, а телата се синхронизираат во заеднички исконски ритам“, велат организаторите.
Дизајнот на постерот е на somehowalsome. Подржувачи на годинешното издание на „Смотра“ се Јуроп хаус Битола и Општина Битола преку „Бит Фест 2025“.
Инаку, идејата зад овој фестивал датира од 2011 година, а настанала како одговор на потребата за алтернативна сцена во Битола. Целта била да се понуди поинтимна атмосфера на необични локации каде ќе се презентира поквалитетен избор на електронска музика и диџеи/презентери и каде младите ќе можат да се изразат преку било која уметничка форма.
„Со необичните локации (запуштени објекти во поранешната касарна, старата чаршија и др.) и внимателно избрани изведувачи кои настапуваат со енергични ди-џеј сетови и настапи во живо, ‘Смотра’ претставува одлично место за сите перфекционисти и љубители на алтернативната култура“, додаваат од организацијата.
Во изминатите 12 изданија фестивалот константно еволуира апсорбирајќи нови содржини од современиот електронски звук и проширувајќи ги вообичаените рамки на делување според барањата и очекувањата на посетителите и развојот на современите технологии.