Започнува екстерното тестирање на учениците

Екстерното тестирање на учениците од четврто одделение во основно образование до трета година во средно образование, започнува на 2 јуни и ќе трае до 10 јуни.

Распоредите за екстерното тестирање се објавени на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk, каде секој ученик може да ги погледне датумот и часот кога ќе биде тестиран, додека за наставните предмети ќе биде информиран 3 дена пред датумот на полагањето, исто така преку наведената интернет страница, соопштија од МОН минатата недела.

Процесот на екстерната проверка на постигнувањата на учениците и проверка на објективноста на оценувањето на наставниците ќе опфати вкупно 183.280 ученици и 17.803 наставници.

Јавниот базен со прашања, кој исто така беше објавен, содржи вкупно 445.700 прашања на македонски, албански, турски и српски јазик.

Професорката Жана Живадиновиќ од Наставнички пленум, вели дека наставниците, учениците, студентите и родителите неуморно ги изнесувале сите аргументи со кои се оспорува вака поставениот модел и цели на екстерното тестирање.

„Но, и покрај сите наши заложби, сугестии, аргументирани ставови, анализи, алтернативни решенија, протести во разни форми, Министерството од вторник продолжува со процесот на екстерно тестирање, како ништо да не се случило, без притоа да направи и најмали измени во истото. Тие остануваат на ставот дека квалитетот на цело образование и сите натамошни надградби може да се темели на 30 прашања на заокружување, а притоа не даваaт никакви објаснувања и аргументи“, додава Живадиновиќ.

Наставниците во неделата протестираа против екстерното оценување и, како што велат, сите лоши реформи во образованието, а нивниот протест го поддржа и Средношколскиот пленум. Едно од главните барања на средношколците кои две недела кампуваа и ја бојкотираа наставата, беше одложување на екстерното оценување, се додека не се подобри квалитетот на процесот на тестирање.