Под мотото „Остави трага“ утре започнува 10. јубилејно издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“ во организација на независната продукција „Театар 007“ и Конгресен центар „Александар Македонски“.
Селекторот на фестивалот Игор Ивковиќ истакна дека на годинaшниот ИТФ „Лица без маски“ ќе бидат одиграни седум претстави кои се, како што рече, критички и кореспондираат со суровата реалност во која живее современиот човек насекаде во светот.
„Почнуваме со една жестока политичка сатира на независниот театар од Косово „Ќендра Мултимедиа“ со претсавата „Неколку актери и неколку свињи и крави и премиер и милка чоколада крава и неколку локални меѓународни инспектори“, која се занимава со прашањето за европската администрација, бирократизација за излегувањето на Велика Британија од европското семејство и како таа празнина да се пополни со евантуалниот влез на Косово во големото европско семејство“, информира Ивковиќ.
Појасни дека на фестивалот претставите кои се во главната натпреварувачка програма се движат на линијата на орвелизмот и кафканијанството кои соодејствуваат со дистопијата која Орвел ја пишувал во неговите романи, а денес станува реалност.
Директорот на фестивалот Миодраг Костиќ информира дека за оваа година добиле околу 80 апликации од кои селектирани се седум претстави, а ќе се изведуваат на повеќе сцени. Отворањето е на сцената на Драмски театар, а ќе се користат и сцените на Театар комедија, Дом на АРМ и малата сцена при Конгресениот центар „Алексанар Македонски“. Претставите ќе се изведуваат од 20 часот додека во деновите кога има по две, вторите ќе се играат во 22 часот. Оваа година фестивалот ќе го отвори Снежана Конеска-Руси, а ќе бидат доделени и три награди – за најдобра претстава Гран-при, за режија и најдобра актерска игра.
Во септември оваа година, според организаторите, ќе биде издадена монографија во која ќе бидат прикажани сите учесници и освоени награди на фестивалот во кој досега учествувале околу 80 до 100 претстави со над 2.000 учесници.