Утре во Скопје се одржува Фестивал на oрганска храна

Утре во Скопје по шести пат ќе се одржи Фестивалот на органска храна на плоштад Македонија. Програмата ќе започне во 10.00 часот, а ќе трае до 18.00 часот.

Фестивалот има за цел да го промовира користењето на органската храна како важен сегмент од секојдневната исхрана на човекот. За таа цел, ќе се зборува за сите предности кои ги носи користењето на органската храна, за Вашето здравје и здравјето на Вашите најблиски.

„Брзиот начин на живот, стресот, како и неизбалансираната исхрана, знаат да предизвикаат нарушување на здравјето кај граѓаните. За таа цел, програмата на овогодинешниот Фестивал на органска храна вклучува јога работилници за деца и возрасни, воспоставување на баланс помеѓу телото и умот, дебата со наши нутриционисти околу здравиот начин на исхрана и разнолики работилници за најмалите. Во изложбениот дел на фестивалот ќе имате можност да видите и вкусите од производите на повеќе од 20-тина органски производители и компании кои нудат здрава исхрана: органска козметика, органски мед, органски зеленчук и овошје и многу други“, се вели во соопштението.