Утре во Прилеп започнува глобалниот предизвик „IceBottleChallenge“

На градскиот плоштад во Прилеп, кај споменикот „Крали Марко“, утре во 11 часот ќе се сврти првото пластично шише, таканаречено „Bottle Flip“ и со тоа ќе се испрати пораката „Сврти шише за почист свет“, со што ќе започне глобалниот предизвик „IceBottleChallenge.org.

Целта на предизвикот е преку играње, забава и награди, да ја зголеми свеста за проблемот со загадувањето на животната средина, особено кај најмладите, со посебен фокус на пластичните шишиња.

Со предизвикот се повикани сите да свртат шише за почист свет, истовремено да пријават екипа за „Bottle Flip“ турнир за сезона есен-зима 2018/2019 и да предизвикаат 3 од своите пријатели да го направат истото, за сите заедно ја прошират пораката со цел што поголем број да се вклучат во турнирот и во борбата против загадувањето на животната средина.

Претседателот на здружението „BottleRecycle.org“ Влатко Наумовски го објаснува спојот на два светски тренда во една уникатна целина.

„Со предизвикот IceBottleChallenge.org, кој е комбинација на забавно и корисно како пандан на предизвикот „IceBucketChallenge“, каде многу познати личности се потураа со кофа ладна вода, сакаме на сличен и необичен начин, преку свртување на пластично шише – „Bottle Flip“, да го привлечеме вниманието на јавноста кон овој голем еколошки проблем. Да ја разбудиме свеста и да инспирираме заедничко дејствување кон решавање на проблемот преку стекнување на добри навики и воедно да покренеме иницијатива за светски ден на добрите навики – World Good Habits Day“, вели тој.

„Снимете го вашиот „Bottle Flip“ или од некој близок, или на цела екипа, поставете го видеото на вашиот Facebook профил и истовремено предизвикајте минимум 3 пријатели што ќе го направат истото и ќе ја прошират пораката понатаму. Не заборавете да ставите етикета на шишето со логото на предизвикот IceBottleChallenge.org како и да го ставите линкот www.IceBottleChallenge.org во пораката на вашиот пост на социјалните мрежи“, додава Наумовски.

Екипи за „Bottle Flip турнирот“ може да се пријават на линкот www.IceBottleChallenge.org/apply

Во продолжение погледнете го официјалното видео од предизвикот IceBottleChallenge.org на линкот http://icebottlechallenge.org/

Од здружението потенцираат дека продажбата на пластични шишиња на глобално ниво изнесува околу 1 милион шишиња во минута или околу 1 милијарда и 440 милиони шишиња дневно, а само околу 50% се рециклираат, додека останатите 50% претставуваат голема закана за животната средина за што мора да се делува час поскоро.