Утре се отвора осмиот „Прво па женско“

Утре (17 август) ќе биде отворено Осмото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ кое годинава се одржува на неколку локации во Скопје – во МКЦ, низ улиците на Скопје, пред Мобилната монтажна галерија во Паркот на франкофонијата и во Музејот на современата уметност.

Официјалното отворање е најавено во 21 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар, за кога е најавено отворање на изложбата „Ничии прагови конкретно“ на уметниците Ивана Мирчевска и Елена Чемерска, по што ќе следи концерт на соло артистката Димитра.

За вторник, 18 август на платото пред МКЦ е најавен „Разговор што можеше да биде перформанс во соработка со МОТ+“ и концерт на Хана, Долорес и Јоана. Следниот дено со Ивана Дракшиќ ќе се мапира женското културно наследство, а во Мобилната монтажна галерија е најавена младинската програма со „Period.The Menstrual Movement Skopje“. Сабота фестивалот се сели пред платото на МСУ каде ќе има проекција на филмска програма, книга и диџеј сетови. Фестивалот се затвора со излоѓбата на Селма Селман „Без простор“ и диџеј сет со Дискордиа.

 

Годинава фестивалот застанува цврсто зад аргументот „Жените се малцинство“.

„Ова политичко позиционирање има цел да го преиспита значењето на терминот малцинство, свесно одбегнувајќи ја неговата етно-национална, доминантна претпоставеност, и посочувајќи дека во перцепцијата на овој поим всушност многу поважни се релациите на моќ помеѓу општествените групи и доминацијата на едни врз други. Затоа сметаме дека прашањето за малцинствата е и феминистичко прашање“, пишуваат организаторките „Тиииит инк“.

Организаторките велат дека се залагаат за борба што е истрајна, специфична и ослободена од наметнатите општествени стеги и модели на однесување.

Значителен дел од програмата на овој фестивал спаѓа во рамките на „Women on Women“ (WoW) проектот – кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Комисија, што Tiiiit! Inc. го спроведува заедно со Mesto Žensk – Љубљана, K-Zona – Загреб/VoxFeminae, Outlandish Theatre Platform – Даблин Проектот се фокусира на родовата еднаквост низ феминистичка перспектива, трасирајќи го наследството на жените (жени, трансродови и интерсекс луѓе кои се идентификуваат како жени), низ интерсекциска перспектива, како и перспектива на различностите.

„Прво па женско“ е отворена платформа каде феминистичките вредности и дебати се водат со сите актери во општеството без исклучоци, сѐ со цел подобрување на состојбата на женските права и родовите политики.

Фестивалот е поддржан и од FRIDA – Young Feminist Fund, Министерство за култура на РСМ и Град Скопје, и се реализира во соработка со Младински културен центар – Скопје, МОТ+, Музеј на современа уметност – Скопје, ИСКРА Букинг, Period Skopje, Од нула до дула.

На фестивалот ќе бидат испочитувани сите мерки за здравствена заштита, па бројот на публиката ќе биде ограничен, а задолжително ќе биде носењето маски, одржувањето физичко растојание и дезинфекција.

Целосната програма на фестивалот може да ја проследите овде.