Утре се отвора Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“

Под мотото „Мали приказни- голем ум“, од утре до 31 мај ќе се одржува 12. Интернационален филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица. На фестивалот ќе бидат прикажани 21 кратки играни, документарни и анимирани филмови во главна конкуренција, 12 во ревијалната програма, како и четири долгометражни филмови од 17 држави од светот.

Годинешни лауреати се словенечкиот актер и сценарист Борис Каваца кој ќе добие Специјално признание за високи достигнувања во филмската уметност и германскиот сценарист, режисер и продуцент Вајт Хелмер кому ќе му биде врачена наградата „Астер“ за високи достигнувања во светскиот филм.

Кратките филмови се во конкуренција за Златната, Сребрената и Бронзената потковица, за Старозлатниот проектор, како и за наградите „Ѓорги Абаџиев“ и „Ацо Алексов“. Во ревијалната ретроспективна програма ќе се прикажат филмови од македонски автори: „Девојката што паѓа“ на Владимир Лукаш, „Сам“ на Тања Симоновска, „Последни чекори“ на Стефан Сидовски, „Незрели цреши“ на Небојша Јовановиќ, „Карма“ на Владимир Митревски и „ШШШТ… запеј ми“ на Андреј Волкашин.

Програмата Мувиленд ќе биде посветена на современите кратки филмови од Израел, а како куриозитет ќе биде прикажан филмот Жед на Димитрие Османли, во реставрирана и дигитализирана верзија од Кинотеката на Македонија. Во рамки на Фестивалот ќе биде одржана и мала работилница со Матеј и Русомир Богдановски на тема „Стрипот и филмот“.

Сите филмски проекции се одржуваат во НУЦК „Антон Панов“.