Утре протести во Струмица и Скопје против рудникот Иловица

Еколошкото здружение „Здрава котлина“ утре ќе одржи протестен марш кој ќе започне од струмичкиот плоштад до седиштето на концесионерот на рудникот Иловица – „Еуромакс Рисорсис“. Протестот ќе почне во 12 часот.

Организаторите ги повикуваат сите граѓани да се приклучат во маршот.

„Никој нема да профитира од него, освен граѓаните. Тоа ќе биде марш за нашето основно, уставно загарантирано човечко право на здрава животна средина и иднина за нашите поколенија. Марш за право на живот и ништо друго“, се вели во повикот од Здружението.

Од „Здрава котлина“ велат дека изградбата на тој рудник значи опустошување на Котлината, „со што ќе почне неповратен процес на иселување и деградација“.

Во знак на солидарност, паралелно и скопјани ќе се придружат на барањата на „Здрава котлина, со тоа што протестот во Скопје ќе биде пред зградата на Владата.