Утре почнува Студентската конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој

Деветтото издание на Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив еазвој – СКЕЕОР 2021, поддржана од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), започнува утре од 10 часот и ќе се одржува до 16 декември.

Во рамки на четиридневната конференција, присутните ќе може да слушнат серија пленарни предавања од домашни и странски претставници на пет теми во фокус на оваа конференција: Обновливи извори на енергија; Автоматизација и мерење на енергетска ефикасност; Електрични возила и енергетски ефикасен транспорт; Енергетската ефикасност и одржливост на животната средина; како и нови технологии и материјали и енергетската ефикасност во објекти, градежништво и архитектура.

Исто така, ќе бидат презентирани и 28 трудови на студенти на додипломски и постдипломски студии и академски членови. Воедно, преку предавањата и панел дискусиите во рамки на конференцијата, компаниите ќе ги прикажат своите добри практики за енергетски ефикасно и одржливо работење.

„Енергетската ефикасност и одржливиот развој како теми стануваат сѐ поактуелни во нашето секојдневие. Радува фактот што од година во година интересот кај нас – младите во Македонија за оваа област расте. Започнуваме да се мобилизираме и ангажираме во доменот на енергетската ефикасност и одржливиот развој, а во рамки на СКЕЕОР 2021 ќе имаме можност за развој на дијалог и размена на искуства и идеи во ова поле. На овој начин, ги потсетуваме новите генерации за важноста на енергетската ефикасност, а истовремено и ги поттикнуваме на размена на идеи и иновативен пристап при изнаоѓањето решенија кои ќе придонесат за едно подобро, енергетски поефикасно утре“, изјави Марко Минов, претседател на СКЕЕОР 2021.

Преку организација на ваков тип конференција се работи на подигнување на свеста за потребата од енергетска ефикасност, употреба на обновливи извори на енергија и мерки и механизми за одржлив развој, посочуваат од СКЕЕОР. Оттаму велат дека преку научно-истражувачката дејност, студентите се поттикнуваат да работат на изнаоѓање решенија на проблеми од областа на енергетска ефикасност и одржливиот развој.

Токму еден од клучните аспекти на конференцијата е можноста за соработка помеѓу студентите, реномирани професори и претставници на водечки компании од областа за пронаоѓање решенија на предизвици од оваа област.

Овогодинешната конференција се одржува виртуелно, на „ZOOM” платформата за видео-комуникација. Сите заинтересирани, ќе може да ја проследат конференцијата на следниот ЛИНК.

Повеќе информации за СКЕЕОР и овогодинешната програма се достапни на официјалната веб-страница.