Утре почнува фестивалот „Викенд на гордоста“

Седмото издание на „Викенд на гордоста“ годинава се одржува во периодот 7 – 9 и 14 -15 јуни, со носечка идеја „Glittering wounds“ („Светкави рани“).

Фестивалот за квир-култура и уметност започнува утре (7 јуни) со почеток од 21 часот во Музејот на современа уметност, каде со својот перформанс „Акефално чудовиште“ ќе се претстави Рон Ејти.

Според организаторите на „Викендот“, се работи за култен уметник кој во последните 40 години направи тектонски поместувања со своите перформанси во рамките на изведувачките уметности и т.н. „body arts“.

Околу носечката тема „Glittering wounds“, кураторот на фестивалот Славчо Димитров потенцира дека со идејата сакаат да ги истражат и да ги проблематизираат современите хегемониски политички имагинации и практики на изолираниот, посесивен, децизионистички, приватизиран, рационален и самодостатен субјект и нивната испреплетеност и конститутивна зависност од нормативните рамки и репрезентации на родот, сексуалноста, расата, класата и неолибералната капиталистичка идеологија.

„Од друга страна, целта ни е да презентираме и да ги промовираме разни нехегемониски светоградечки проекти и историските, социјални и политички проживеани искуства на настраните и жените како извори на алтернативни социјални и демократски хоризонти засновани на релационоста, солидарноста, грижата, афективноста и трансформативноста отаде идентитетската препознатливост“, пишува Димитров за годинашната тема.

За „Акефално чудовиште“, организаторите потенцираат дека е соло перформанс сочинет од проекции, читања, предавања, апроприран текст и звук.

„Делата на Рон Ејти се изложени во светот во деведесеттите години, при што одредени теми, на пример, онаа за христијанските маченици, отворија филозофски дебати за природата на идентитетот преиспитувајќи ги границите на уметничката практика. Во 2013 година беше објавена монографија за неговите дела: Pleading in the Blood, уредена од Доминик Џонсон“, се вели во најавата за настанот.

Во рамките на фестивалот скопската публика ќе има можност да ги виде некои од најзначајните совремни уметници и да проследи перформанси на BOYCHILD, Рејчел Јанг и Марикискрајкрајкра, промоција на постхумно издадениот превод на Огнен Чемерски на книгата „Како да се биде геј“, на еден од основоположниците на квир-теоријата – Дејвид Халперин, изложба на Дел Лагрејс Волкано, спектакуларно дрег-шоу на 12 кралици од Берлин, Белград и од Скопје, како и традиционалното СРАМОТА на Пич Прич.

Целата програма за „Викендот на гордоста“ може да ја погледнете ОВДЕ.