Утре нов протест за воздух пред Собрание

И оваа сабота (2 февруари), пред Собранието на Република Македонија, ќе се одржи протест поради енормното загадување на воздухот во Скопје. Протестот е најавен во 13 часот.

„Од целата земјина топка, нашите бели дробови го дишат најзагадениот воздух во светот. Зарем мислите дека заслужуваме и зарем мислите дека сме имуни?, прашуваат организиторите.

Потсетуваат дека еден од најголемите причинители за рана смрт е дишење неквалитетен воздух, јавни дебати околу квалитетот на воздухот во Македонија скоро и да нема, а резултатите на политичарите и надлежните институции се видливи за секој од нас.

Барањата на протестот се:

•Веднаш бараме свикување на итна владина седница поради алармантната состојба со квалитетот на воздухот во нашата земја.
• Бараме итно вклучување на експерти(Доктори, Еколози, Еко-активисти и сите кои реално би помогнале за подобрување на состојбата).
• Бараме владата да ги употреби сите потребни средства за справување со овој проблем.
• Бараме вклучување на претставници од граѓанскиот сектор во надлежните контроли за големите загадувачи.
• Како главно барање, владата и институциите да престанат со така наречени решениа кои дирекно удираат по џебот на најсиромашните, а крупните капиталисти и најголемите загадувачи остануваат недопрени.

Протест за воздух се одржа и минатата сабота. Излегоа неколку стотици граѓани и маршираа од Собранието до Владата на РМ, револтирани што дишат отровен воздух.