Утре нов протест против загадувањето во Железара

Во сабота ( 5 јули) граѓаните од Скопје, организирани главно преку социјалните мрежи, најавуваат нов протест против загадувањето од индустрискиот комплекс Железарница.

Утре нов протест против загадувањето во Железара

Почетокот на протестот е закажан во 12 часот, пред главниот влез на фабриката железара(стадионот на Металург). Потоа присутните од раскрсницата пред стадионот Металург ќе се упатат кон Министерството за животна средина сместено во зградата на Македонската телевизија.

„Во поголем број заедно против загадувачите…за здрава средина и чист воздух „Да мислиме на нас и на нашите поколенија!“, се наведува во најавата за утрешниот протест.

Изминатиот период се одржаа неколку протести против загадувањето во овој реон. Граѓаните од скопските населбите Железара, Бутел, Чаир, Аеродром со години се жалат на густиот чад кој излегува од индустрискиот комплекс и бараат да се вградат филтри. И покрај најавата дека до први април ќе се стави клуч на вратите на фабриките кои загадуваат, Владата за најголемиот загадувач во овој реон – Макстил, рокот за исполнување на еколошките стандарди го продолжи до крајот на октомври.