Уставен суд ја отфрли иницијативата за укинување на одредби од екстерното оценување

Уставниот суд ја отфрли иницијативата поднесена од група професори од битолското техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ која се однесува на неколку одредби од Законот за средно, во делот на екстерното тестирање.

Иницијативата се залагаше за ученикот кој е незадоволен од резултатите од тестот за екстерно оценување да има право да поднесе приговор до училишната комисија. Сепак, Уставниот суд оценил дека тие одредби веќе не се во правниот поредок.

Одлуката доаѓа три години откако професорите ја поднеле иницијативата. Оттогаш Законот за средно образование беше сменет неколку пати. Одредбите кои беа оспорувани се однесуваа на начинот  на составување на тестовите, спроведувањето  на екстерното и вреднувањето на успехот на наставниците и учениците.

Екстерното тестирање е најкритикуваната реформа во средното образование. Средношколците пред две години одржаа масовни протести и маршови, а повеќе од еден месец кампуваа пред просториите на Министерството за образование и наука. Но, власта не се откажа од спроведувањето на екстерното тестирање. Па така, следното полагање е во јануари, кога ќе го полагаат учениците од завршните години во средните училишта.