Уставен: Граѓаните исклучени од парно ќе продолжат да плаќаат паушал

Уставниот суд денеска ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на членот 66, од правилата за снабдување со топлинска енергија, донесени од Регулаторната комисија за енергетика, со кој всушност беше воведена обврска граѓаните кои не користат парно да плаќаат надоместок.

Од Судот велат дека по членот 66 решавале во 2013 година и уште тогаш иницијативата е отфрлена.

Иницијативата до Судот е поднесена од Здружението за заштита на човековите права „Но пасаран“.

Приближно 12.000 домаќинства исклучени од системот за снабдување со топлинска енергија секој месец плаќаат паушален износ во зависно од површината на станот. Тие веќе неколку години протестираат пред Регулаторната комисија за енергетика.