УСС-УКИМ собира предлози за менување на Правилникот за запишување и студирање

Универзитетското студентско собрание (УСС) УКИМ започна процес на јавни консултации за предлог-измени на „Правилникот за условите, критериумите, правилата и постапката за запишување и студирање на прв и втор циклус студии“.

Борјан Ефтимов, студентскиот лидер на УКИМ, за Радио МОФ вели дека е добро Правилникот да се отвора секоја година и да се вметнуваат забелешките на студентите, согласно нивниот интерес и потреби.

„Ова се отворени консултации. Проблемите што биле воочени претходната година – да се решаваат. Не бараме измени во целост, туку интервенции во поединечни членови. Освен забелешките од студентите, имаме и ние подготвени предлози, пример бараме секој професор во една сесија да определи два датуми за полагање испит. Ова значи дека студентите ќе можат подобро да си го планираат распоредот за полагање“, вели Ефтимов.

Понатаму, ќе побараат построги да бидат роковите од завршување на испитот до објавување на резултатите.

„Моментално има рок, меѓутоа речиси никој не го почитува. Затоа ќе бараме решение како да се обврзат професорите да ги почитуваат роковите. Пример, една недела по завршувањето на испитот да мора да се објават резултати, за да не се дојде до ситуација кога по месец дена се доцни со резултати“, вели претседателот на УСС-УКИМ.

Студентите своите предлози можат да ги поднесат преку формулар, најдоцна до 7 август до 19 часот.

Откако ќе се поднесат предлозите, УСС-УКИМ ќе организира јавна седница. Студентите ќе имаат можност да ги образложат таму, или преку писмено образложение.

„Заедно ќе бидат поднесени и четирите преодни измени за 2020/2021 година, кои ги побаравме поради корона кризата. Односно пофлексибилни рокови, помали услови за запишување на семестар, да нема паѓање во приватна квота итн. Тие ќе одат како преодни одредби во постоечкиот Правилник“, вели Ефтимов.

Дефинираниот конечен предлог-правилник ќе биде доставен до Универзитетот. Односно, прво треба да поминат на нормативно-техничка комисија, за да се види дали се согласни со законите и ги усогласуваат доколку е возможно. После одат до ректорска управа, па до Сенат.

Б.Ш.