УСС-УКИМ: Јунската испитна сесија ќе трае од 1 јуни до 14 јули, со можност за дополнително продолжување

Универзитетското студентско собрание (УСС) – УКИМ информира дека денеска се одржалa 249 седница на Ректорската управа, каде е донесена одлука за јунската испитна сесија да се продолжи, па наместо од 1 до 30 јуни, таа ќе трае од 1 јуни до 14 јули – со можност за дополнително продолжување со одлука на факултетите.

„Септемвриската испитна сесија се продолжува и ќе трае од 17 август до 25 септември – со можност за започнување на сесијата пред 17 август со одлука на факултетите“, соопштува Студентското собрание.

Понатаму, во академскиот календар е предвидена можност факултетите дополнително да ги продолжат сесиите како би имале можност за соодветно организирање на сесијата и/или реализација на практичната настава.

„Организирањето на сесијата и распоредот за полагање се во надлежност на факултетите и факултетските студентски собранија. Сите студенти во најкус можен рок ќе добијат распоред за организирање на сесијата и полагање на испитите. Краткиот период од 19 мај до 1 јуни не треба да предизвикува паника бидејќи факултетите во соработка со факултетските студентски собранија ќе ја организираат сесијата на начин кој им одговара на студентите и ќе одредат повеќе термини за полагање кои ќе бидат распределени за целото времетраење на сесијата“, велат од Собранието.

Под точка разно, дополнуваат од Собранието, било дискутирано за флексибилност и продолжување на роковите за премин во следниот семестар, запишување на предмети кои се условени и презапишување на неположените предмети.

Најавуваат дека УСС-УКИМ на следната седница на Ректорската управа ќе достави предлог за измени на постоечките акти како би се овозможило продолжување на овие рокови.

„Факултетите ќе можат да ги организираат испитите со физичко присуство и онлајн во зависност од карактеристиките на предметот и предметната програма. Пријавувањето на испитите ќе биде онлајн за што студентите добија или ќе добијат известување преку мејл. Сите прашања во врска со реализацијата на сесиите сега се во надлежност на факултетите и факултетските студентски собранија“, соопштува УСС-УКИМ.

Покрај седницата на Ректорската управа, УСС-УКИМ минатата недела разговарало и со Директорот на Државен студентски центар – Скопје, од кого добиле информации дека студентските домови се подготвени да ги отворат сместувачките капацитети доколку се организира испитна сесија.

„Со оглед на денешната одлука веруваме дека наскоро ќе добиеме информација за отварање на студентските домови преку официјалната страна на Државен студентски центар за што потребно е одобрение и од здравствените експерти. Нашето барање е студентските домови да останат отворени за студентите во текот на целиот летен период“, информираат од Собранието.