УСС: Од наредниот семестар ќе има платформа за далечинско учење за сите студенти на УКИМ

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје веќе од наредниот семестар треба да добие дигитална платформа за далечинско учење, која ќе биде единствена и достапна за сите студенти, најавуваат од Универзитетското студентско собрание.

Комисијата за информатичка технологија при УКИМ работи на платформата, која како што појаснуваат, ќе се состои од два дела – платформа за учење и за настава од далечина. 

Платформата за учење треба да овозможи поставување и пристап до материјали, мултимедиски ресурси за учење, задавање домашни задачи и активности, испитување, оценување, следење на постигнувањата на студентите, евалуација на наставата преку прашалници).

„Предлог на Комисијата е платформата за учење да биде примарно и трајно место за учење, не само во вонредни услови. Платформата ќе биде единствена за сите студенти на УКИМ и ќе биде воспоставена и одржувана исклучиво од сопствени ресурси на УКИМ. Технички, предлогот е да се користи Мудл (анг. Moodle) бидејќи е најквалитетен софтвер за управување со учењето во светот, а патем е слободен софтвер“, стои во извештајот на Комисијата.

Вториот дел на платформата ќе биде видеоконференциски софтвер кој ќе ја надополнува платформата за учење.

„Идејата е оваа платформа да се користи првенствено во вонредни услови, како што е пандемијата. Оваа платформа може да биде кој било видеоконференциски софтвер (Jitsi, Big Blue Button, Teams, Zoom, Webex, Meet), во зависност од факултетот, а предлог на Комисијата е тој софтвер да биде Microsoft Teams бидејќи веќе е овозможен за сите факултети“, се забележува во извештајот.

Платформата за далечинско учење е едно од двете барања на УСС во однос на дигитализацијата на УКИМ. Тие ги повикаа студентите да ја пополнат анкетата на следниот ЛИНК за потребите на процесот на дигитализаицијата, како на наставата, така и на администрацијата.

За развој на платформа за далечинско учење, УСС упати барање до Универзитетот пред почетокот на новата академска година.