По голем број откажувања поради лошите временски услови, вчера успешно беше извршено лансирањето на првите словенечки сателити, Трисат и Немо ХД, како дел од проектот на европската вселенска компанија „Arianespace“.
Ракетата „Вега“ на компанијата, која носеше рекордни 53 сателити од 13 земји, беше успешно лансирана од Француска Гвајана во 3:51 часот по средноевропско време.
Двата словенечки сателити, кои се важна пресвртница веќе се поставени во орбитата.
Шефот на проектот Трисат, Изток Крамбергер од Факултетот за електротехника и компјутерски науки во Марибор, изјави дека група истражувачи се собрале на факултетот за да го следат лансирањето што поминало многу лесно.
„Среќни сме што оваа прва пречка е помината. Но, сега започнува вистинската работа, ние сме само на почетокот”, рече Крамбергер.
Немо ХД треба да се смести на висина од околу 515 км од Земјата, а главната задача ќе му биде интерактивно набљудување на нашата планета благодарение на мултиспектрална камера и видеокамера со голема резолуција. Во најдобри услови, околу Земјата би требало да кружат во наредните пет години.
Наносателитот Трисат, пак, со своите пет килограми треба да кружи на висина од околу 530 км и првенствено е наменет за тестирање на издржливоста на новата вселенска електроника, а воедно ќе се надгледува загаденоста на површината на морињата, ќе се детектираат жаришта на пожари и ќе го бележи нивото на вулканска прашина во атмосферата.
Словенечките сателити се дел од првиот тест на концептот за служба за мисија на мали вселенски летала, што ќе овозможи поголем број сателити да бидат распоредени во едно движење, што значи за помали трошоци.