Успеа референдумот во Богданци, преку 95% од граѓаните гласале против рудници

Жителите на Општина Богданци се спротиставија на изградба на рудникот Казандол, 61% од жителите со право на глас гласаа на референдумот, а според првичните неофицијални информации, преку 95% од нив заокружиле „против“ рудници во нивната Општина.

За да успее референдумот требаше на гласање да излезат 50% плус еден од гласачите запишани во избирачкиот список.

ФОТО: Цивил

ФОТО: Цивил

Според невладината ЦИВИЛ, која го набљудуваше процесот, на референдумот излегле 4,205 од вкупно 6.918 гласачи.

Како што информираат од терен, нивните активисти регистрирале „помали и очекувани“ проблеми, како притисоци врз граѓани да не излезат на гласање, или да гласаат „за“ рудниците, додека 10 гласачи не можеле да го остварат своето право, бидејќи ги немало во избирачкиот список.

На референдум за Казандол на 18 јуни, ќе излезат и жителите на Општина Дојран, а во постапка за референдум се и граѓаните на Валандово.

Ова е втор успешен референдум со фокус на животната средина, по оној во Гевгелија, пред два месеци, кога граѓаните не дозволија изградба на рудници на планината Кожув.