Уште паѓаат на паравести поради ниската медиумска култура

Начинот на кој се спакувани овие сатирични вести, вообичаените изрази и клишеа што се присутни во вистинските новинарски текстови неретко ги поведуваат читателите да ги перципираат како да се вистински, пишува Нова Македонија.

Владата ќе побара од Субрата Рој да се заколне во мајка“, „Пристигна споменикот државна администрација“, „Иван исцелител нов член на стручниот штаб на А-селекцијата“. Или, пак, „Министерската Канческа-Милевска цепеше дрва за огрев за Драмски“ и „Нови барокни тоалети ќе го красат плоштадот ’Македонија’“.

Сатиричните, односно паравестите или кромид-вестите, ако што ги нарекуваат, не се топла вода што ја измисливме сега и овде, во Македонија. Всушност „Онион“, најпознатиот сатиричен медиум постои уште во 1988 година. Но овој жанр токму во последнава година значајно се популаризира во домашниот медиумски простор.

Не е реткост паравест да биде погрешно препознаена од „сериозни“ медиуми како да е вистинска, а потоа во низа да ја испрепишат и други. На една страна од овој феномен, секако, стојат нискиот стандард што постои во медиумите, непроверувањето информации и трката по сензационални наслови што носат кликови. Но многумина ќе речат дека и секојдневието во кое живееме ни е како создадено или за вести од црна хроника или за паравести.

„Луѓето веќе не можат да препознаат што е пародија, а што е стварност. Едноставно нема разлика. Еве, кажете искрено што помисливте првпат кога чувте дека МОБ ќе добие ќерамиди“, вели Сашо Кокаланов, еден од авторите на сатиричниот сајт „Коза ностра“.

Паравестите на некој начин стануваат оружје во војната со апсурдот. Според Кокаланов, тие се нужда во нашето општество.

„Кога сите други жанрови ќе бидат девалвирани, кога цела една професија е притворена, вицот е тоа што останува. Ние не сме ни „Онион“, ни „Алан Форд“, па ни „Њуз.нет“. Можеби ќе станеме еден ден. Сега мисијата ни е да бидеме Радио Ереван“, додава тој.

Сите специјализирани сајтови за сатирични вести, вклучувајќи ги домашните „Брејкинг.нет“ и „Коза ностра“, српскиот „Њуз.нет“, кој доста е читан и кај нас, сѐ до најпознатиот „Онион“ и многу други, имаат многу јасна и недвосмислена назнака дека продаваат новинарска магла. Но, и покрај тоа, начинот на кој се спакувани овие вести, вообичаените изрази и клишеа што се присутни во вистинските новинарски текстови неретко ги поведуваат читателите да ги перципираат како да се вистински.

Поголема пародија од самата паравест често може да прочитате и во коментарите под неа, од читатели што коментираат колку не им се верува во тоа што го читаат до такви што почнуваат да се караат меѓу себе, заземајќи страна про или контра тоа што е објавено. Познавачите велат дека ова се должи на општата медиумска култура која е многу ниска.

„Паравестите се тука да исмеат, но и да ги натераат луѓето да гледаат повеќе од самата форма. Ако спакувате лага во новинарска форма, тоа не ја прави помалку лага, а никако вистина“, смета интернет консултантот Дарко Булдиоски.

Во почетокот на годинава Радио МОФ распиша конкурс за сатирични содржини, насловен „Кромид-фест“, а учесниците можеа да пријават текст, дизајн, фотографија, аудиовизуелни содржини итн.

„Идејата зад повикот беше да се поттикнат младите да ги изразуваат своите ставови, да укажуваат на проблемите и на приоритетите на младите во земјата. Побаравме паравести, а не „нормални“ мултимедијални содржини зашто мислевме дека хуморот, сатирата и сарказмот се олеснување и алатка за многумина да се изразат во јавност, особено кога постојат страв од јавно изразување и самоцензура“, објаснува Дона Костуранова, претседателка на Младинскиот образовен форум (МОФ).

Темата на конкурсот „Розова е младоста во кралството Македонија“ беше инспирирана од Шекспировото „Нешто е гнило во кралството Данска“. Во рамките на конкурсот и на Твитер се разви дискусија под хаштагот #кромидфест, при што твитерџиите споделуваа паранаслови.