Уште една француска продукција најавува можност за снимање филм во Македонија

Француската филмска продукција „2017“ со седиште во Лион и „М дигитал“ од Лондон најавиле можност за снимање филм во Македонија, соопшти Министерството за култура. Средбата меѓу нивните извршни директори и министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска била остварена при нејзината посетата на Париз. Директорите, посочуваат од Министерството, изразиле подготвеност да ги снимаат своите следни филмски проекти на локации во Македонија.

На средбата министерката за култура ги информирала заинтересираните продуценти за измените на Законот за филмска дејност со кој се олеснува соработката со странските продукциски куќи заинтересирани да снимаат во Република Македонија. Од француската продукција пак потврдиле дека на 17 ноември ќе ја посетат земјава за да се запознаат со локациските потенцијали и природните ресурси за снимање вакви големи филмски проекти.

Инаку, во моментов поради снимање на францускиот филм „A FOND“, се уште е затворен дел од автопатот А1, од мотелот Македонија до Градско, а сите возила се пренасочуваат по стариот пат. Снимањето ќе трае до петок, а автопатот че биде затворен од 05:00 до 18:00 часот. За потребите на овој филм претходно беше затворена и скопската обиколница, како и патарината Петровец. Ова доведе до колапс на сообраќајот во Скопје уште на првиот ден од затворањето на обиколницата кога граѓаните се жалеа на неподносливиот метеж и гужва. Сите камиони и сообраќај кој во текот на денот транзитираше по обиколницата, во текот на септември и дел од октомври се слеја кон центарот на градот.

Министерството за култура и ова го најави како важен проект, за кој француската продукциска куќа на државата треба да и плати околу 285 000 евра. Од нив дел треба да се трошат за реконструкција на стариот пат Велес – Градско, преку кој е пренасочен сообраќајот, а дел ќе бидат префрлени за надополнување на изгубените средства од патарините. Средства за обештетување на граѓаните заглавени во метежот во главниот град не беа предвидени.