Уште една дебата без студентите и професорите кои се против државниот испит

Професорскиот пленум донесе одлука да не учествува на денешните разговори меѓу претставници на Интеруниверзитетската конференција, Министерството за образование и по пет професори за и против концептот на државниот испит.

„Ја известуваме јавноста дека претставниците на Професорскиот пленум нема да учествуваат на таканаречената „средба за размена на мислења и аргументи“ за измените на Законот за високо образование, која е организирана од Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука, денеска во 13.30 часот во хотелот Александар Палас.

Професорскиот пленум, составен од речиси петстотини професори од различни универзитети НЕ САКА да му даде легитимитет на овој настан чија единствена цел е да искреира привид на транспарентност и партиципативност во донесувањето октроирани закони.

Сметаме дека со оваа постапка се прави обид вонинституционално да се „коригира“ и супституира Собранието на РМ како законодавно тело што е спротивно на уставното начело за поделба на власта и владеење на правото, посебно во овој момент откако измените на Законот ја поминаа првата фаза во Собранието и тие се речиси едногласно изгласани.

Професорскиот пленум и натаму цврсто стои зад барањето за повлекување на законските измени, за кои што смета дека се уште еден политички атак врз вирокото образование и врз автономијата на универзитетот“, се вели во соопштението.

Дебата за државниот испит без студентите и професорите кои се против

фото: Професорски пленум

 

И покрај неколкуте ветувања на министерот Абдилаќим Адеми дека ќе ги вклучи претставниците на Студентскиот пленум, кои трипати маршираа и протестираа против државниот испит, тие не беа повикани на ниту една средба на надлежните поврзана со законските измени.

Во меѓувреме, се огласија и претставници на студентските организации на УКИМ и УКЛО, со свои предлози за измена во концептот на државен испит. Тие  бараат да се дозволи полагање на дел од испитите од трета година и во случај студентот да го нема положено државниот испит по втората студиска година. Министерството за образование и наука експресно ги прифати овие предлози.  Тие, според МОН, ќе бидат вклучени како амандмани во предлогот за законските измени, кој следниве денови ќе се најде на конечно гласање пред пратениците во Собранието на Република Македонија.