УСАИД го подобрува животот на Ромите преку образование

УСАИД денес го презентираше завршниот Извештај од надворешната евалуација на десетгодишниот Проект за образование на Роми (ПОР) спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ).

УСАИД го подобрува животот на Ромите преку образование

Наодите од евалуацијата го нагласуваат позитивното влијание на Проектот врз ромската заедница и ги потврдуваат променетите ставови на наставниците, ромските ученици и нивните родители. Постигнувањата на ромските ученици и обуките на наставниците помогнаа во голема мера за намалување на предрасудите коишто претходно постоеја во проектните училишта.

„Голем број корисници на Проектот кои се здобија со универзитетски дипломи денес работат во локални и меѓународни организации, јавни и приватни претпријатија и во јавната администрација, каде придонесуваат за растот и развојот на Македонија. Тие се на позиции од кои можат да се застапуваат за инклузија на Ромите и да ги насочуваат политиките што ги засегаат Ромите“ рече директорот на канцеларијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн.

Од почетокот на проектните активности во 2004 година, ПОР поддржа повеќе од 2.000 ученици Роми од предучилишно до високо образование, ги подобри нивните образовани резултати и ја зголеми национална стапка на завршување средно и високо образование кај Ромите.

Со поддршка од УСАИД, 298 ученици Роми завршија средно образование, а 92 Роми добија универзитетски дипломи. Активностите на Проектот сега се интегрирани во годишните програми на училиштата и станаа модел за инклузија на маргинализираните заедници во образованието ширум Македонија.