Уругвај во јули станува прва држава каде може да се купи и пуши марихуана на цела територија

Нов закон ја прави јужноамериканската држава прва во светот, во која се продава канабис на сета територија на земјата.

Алисија Кастилја ги вадела цвеќињата во својата градина на тивко неделно попладне, кога петмина полициски возила се паркирале пред нејзиниот дом. Тим од 14 полицајци „вооружени до заби“ влегле во дворот и ја уапсиле мирната, 66-годишна жена. Конфискувале сè што можеле да најдат: компјутери, мобилниот телефон, книгите, па дури и соковник.

Ги конфискувале и 29-те насади на канабис кои ги вадела, и 24 килограми марихуана кои ги поседувала. Била одведена во полициска станица каде ја поминала ноќта врзана со лисици за клупа.

„Ме третираа како да сум женската верзија на Пабло Ексобар“, вели Кастилја. Но, далеку од тоа дека потсеќа на колумбискиот бос, Кастиља е мирољубива писателка чија книга Култура Канабис станала неочекуван бестселер. Конфискуваните растенија биле за нејзина лична употреба. „Јас живеам од пишување за марихуаната, не од нејзино продавање“.

Апсењето на Кастилја во 2011 година го шокираше Уругвај. Иако консумирањето на рекреативни дроги никогаш не било осудувано во државата која се гордее со својата слободоумност и либерални институции, одгледувањето и продажбата беа забранети. Писателката се соочувала со затворска казна од две до 10 години.

Кастилја сфатила дека станала најпознатата личност во државата кога затвореничките во затворот во Канелонес аплаудирале кога таа стигнала. Како најстара од 120 затворенички, ја нарекувале „бабата со џоинтот“, прекар кој наскоро бил присвоен од печатот.

Илјадници марширале барајќи да биде ослободена. Простестите наскоро се претвориле во долготрајно барање за комплетна легализација на рекреативниот канабис.

„Медиумското покривање беше лудо. Пратеници почнаа да ми носат предлог-закони во затворот да ги прегледам“, се сеќава Кастилја, која сега има 72 години.

Нејзиниот тримесечен престој во затворот (откако била ослободена поради долгиот серијал на судења, распуштен од Врховниот суд на Уругвај), конечно се исплати. Одгледувањето на канабис беше легализирано во 2014 година, а во јули Уругвај ќе стане првата држава во светот каде продажбата и користењето на „трева“ се дозволени на целата територија.

„Важно е за Уругвај да напредува кон локална регулација на рекреативната марихуана“, вели Едуардо Бласина, директор на неодамна отворениот Музеј на Канабисот во Монтевидео.

„Законот им дава на корисниците пристап до сертифицирана, неизменета марихуана“, вели Бласина. „Војната на Јужна Америка против дрогите е апсурна, со катастрофални резултати, без разлика на кои индикатори сметате, меѓу кои и консумацијата. Ако искуството на Уругвај се испостави позитивно, ќе биде полесно за другите земји како Колумбија или Мексико, заглавени во огромни проблеми со моќни нарко босови, да најдат подобро решение од катастрофалното кое беше имплементирано досега“.

Но, не се сите задоволни од имплементацијата на легалната марихуана во Уругвај.

„Среќен сум што сега може да се сади без да се оди во затвор“, вели Хуан Мануел Варела, 28-годишен менаџер на МДАР, еден од канабис клубовите кои беа отворени после донесувањето на новиот закон. „Но, како и многу други работи во Уругвај, новиот закон е добра идеја која се применува на лош начин“.

Активистите за легализација како Варела и Кастилја не се задоволни од фактот што домашните одгледувачи мора да се регистрираат во Владата за дозвола, која им дозволува садење на максимум шест растенија. На канабис клубовите како оној на Варела, им треба дозвола за максимум 45 членови кои смеат да користат само 40 грама месечно од растенијата на клубот.

Најконтроверзно од сè, е што кога законот ќе стапи на сила во јули, легалната марихуана ќе биде достапна само аптеките. Иако цената ќе биде многу пристапна, само 1,30 долари по грам, во споредба со 3 долари на улица, корисниците мора да се регистрираат. Потоа, од нив ќе биде побарано да се идентификуваат со дигитален скен на палецот, за да го повлечат максимумот од 10 грама неделно.

Владата презеде важни мерки на претпазливост за да спречи регистарот да падне во погрешни раце, поради личните податоци. Аптекарите нема да го добиваат името на клиентот поврзан со скенот од палец. Само количината на канабис ќе биде видлива од квотата на секој клиент на екранот во аптеката. Дополнително, само седум членови на Владата ќе имаат пристап до целосниот регистар, а тројца од нив мора да бидат присутни во исто време кога се менува регистарот.

„Како да создаваат полициски регистар од одгледувачи и корисници“, вели Даниел Видарт, долгогодишен активист и писател кој се запознал со Кастилја и се оженил за неа откако ја пуштиле од затвор пред шест години.

Иако 96-годишен, веселиот и енергичен личен пријател на поранешниот претседател, Хозе „Пепе“ Мухика, многу го критикува законот напишан од неговиот другар.

„Овој закон всушност ја стигматизира марихуаната повеќе одошто ја легализира“, вели Видарт. „Зашто да има регистар на корисници на марихуана, а нема за корисници на алкохол? Алкохолот е многу посмртоносна дрога. Овој закон и понатаму ги смета корисниците на марихуана за толку опасни, што мора да бидат пребројани од Владата. А, регистарот е помалку или повеќе безбеден додека имате демократска влада, но може да стане оружје против корисниците доколку се промени политичкото расположение“.

Регистарот беше отворен на почетокот на мај. Досега, околу 3500 луѓе (од население од 3,4 милиони) се запишале во аптеките. Дополнително, од 2014 година околу 6700 се регистрирале како домашни одгледувачи, а отворени се и 57 клубови за канабис.

И покрај големото медиумско внимание, продажбата ќе биде бавна.

„Само 30 од околу 1000 аптеки во државата се пријавија за продажба на марихуана досега“, вели Анехандро Анталич, потпретседател на Асоцијацијата на аптеки на Уругвај.

„Нашето општество може да биде конзервативно, отпорно на промени, па сè уште има несигурност и многу аптекари чекаат да видат како системот ќе функционира пред да решат да продаваат. Има и страв од напади врз аптеките од илегалните дилери, кои сќе ги загубат своите клиенти“, објаснува.

Кастилја исто така има измешани чувства за новиот закон. „Сакам да видам целосна слобода за садење дома“, вели таа.

Дали се регистрирала за садење или купување? „Не“. Дали сè уште одгледува дома? „Да“. Дали се плаши од новиот закон. „Не мислам дека ќе се обидат пак да дојдат по мене“, вели без да трепне.