Уругвај произведе 94.5% од потребите за струја од обновливи извори

Додека очите на светот оваа недела се насочени кон Париз, каде се случува големата Конференција за климатсктие промени, една вест од Уругвај покажува дека напорите за свртување кон обновливите извори на енергија не се залудни. Владата на малата јужноамериканска земја соопшти дека задоволила 94/5 проценти од потребите за струја од обновливите енергетски извори, како водата, ветерот и сонцето.

За помалку од десет години, Уругвај успеа драстично да ги намали емисиите на јаглерод диоксид, и тоа без владини субвенции, според одговорниот за климатските политики во земјата, Ramón Méndez. Аналитичарите забележуваат дека овој подвиг на Уругвај е уште поголем, ако се знае дека префрлањето на ткн. „чиста“ енергија обично значи и повисока цена на струјата. Во јужноамериканската земја, ова не е случај – анализите покажуваат дека струјата во последните неколку години поевтинува.

Според Méndez, успехот на Уругвај може да се објасни со неколку фактори – добра соработка меѓу државата и приватниот сектор, политички консензус кај сите партии во земјата и добри политики за привлекување странски инвеститори во обновливите енергетски извори.

„Научивме дека обновливата енергија е само финансиски бизнис. Изградбата и одржувањето не чинат многу. Се додека им давате на инвеститорите безбеден амбиент, овој бизнис е многу атрактивен“, вели Méndez.