Урсула фон дер Лајен стана првата жена на чело на Европската Комисија

Германската министерка за одбрана, Урсула фон дер Лајен доби доволно гласови за да биде избрана за првата жена на позицијата претседател на Европската Комисија.

Во тајно гласање, членовите на Европскиот Парламент со многу тесен резултат дадоа поддршка за Фон дер Лајен да го наследи досегашниот претседател Жан Клод Јункер, кому мандатот му истекува на 31 октомври.

Таа го доби гласот од 383 европарламентарци, што е само девет гласа над потребното апсолутно мнозинство.

Фон дер Лајен истовремено е и прв германски политичар по повеќе од половина век кој ќе се најде на водечкото место во Европската Комисија.

„Довербата која ја покажавте кон мене е доверба која ја покажавте кон Европа. Доверба во обединета и силна Европа, од исток до запад, од југ кон север. Доверба во Европа која е подготвена да се бори за иднината наместо да се бори помеѓу себе“, рече Фон дер Лајен по гласањето на европарламентарците.

Фон дер Лајен, и покрај тоа што не беше меѓу фаворитите за функцијата, беше номинирана од лидерите на Европската Унија по 50-часовни преговори.

Меѓу главните заложби во нејзината „Визија за Европа“ се поголема заштита на климата, минимална плата во рамки на целата Унија, заедничка европска одбранбена политика и јакнење на правата на Европскиот Парламент.