Урсула фон дер Лајен: Пред крајот на декември можно е да бидат вакцинирани првите граѓани на ЕУ

Првите граѓани на Европската Унија би можеле да бидат вакцинирани против коронавирусот пред крајот на декември, рече денеска претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, пренесува „Н1“.

Во своето обраќање пред пратениците на Европскиот парламент, таа рече дека „конечно гледа светлина на крајот на тунелот“, и додаде дека „првите државјани на ЕУ можно е да бидат вакцинирани пред крајот на декември“. Извршното тело на ЕУ, Европската комисија има договори со шест потенцијални добавувачи на вакцини и работи на седмиот договор.

„Ситуацијата со пандемијата сè уште е сериозна. Со речиси 3.000 смртни случаи дневно, коронавирусот беше причина број еден за смртност во Европа минатата недела. Болниците сè уште се под притисок, а во некои региони и одделенијата за интензивна нега се полни. Знам дека сопствениците на кафулињата, бармените и келнерите сакаат да бидат укинати ограничувањата, но не смееме да ги повторуваме грешките од летото“, рече таа.

„Брзото и нагло релаксирање на рестриктивните мерки доведува до ризик од трет бран по Божиќ. Пред неколку недели, реков дека овој Божиќ во ЕУ ќе биде поинаков. И да, ќе биде потивок. Ова е исто така прашање на солидарност меѓу земјите-членки. Но, има добри вести. Европската комисија досега осигури договори за набавка на вакцини со шест компании“, додаде таа.

Претседателката на ЕК посочи дека земјите-членки мора да бидат подготвени за процесот на вакцинација.

„Зборуваме за милиони шприцеви или ладилници што треба да се набават, подготовка на центри за вакцинација, обука на работници и слично. Накратко, земјите-членки мораат да ја подготват логистиката за евентуално распоредување на стотици милиони дози. Бидејќи тоа е нашиот билет за излез од оваа пандемија“, заклучи таа.