Уредувачки маратон на македонската Википедија во МАНУ

Во рамки на договорот за меѓусебна соработка помеѓу огранокот на Викимедија во Македонија – „Споделено знаење“ и МАНУ, а во склоп на активностите за одбележување на 15-годишнината од постоењето на Википедија, во библиотеката на МАНУ се одржа тричасовен уредувачки маратон на тема „Егејска Македонија“.

На уредувачкиот потфат учествуваа тројца корисници – уредувачи, а беа присутни и две студентки по филологија од Полска кои се на размена во Македонија и кои ги покажаа своите одлични познавања на македонскиот јазик, соопштија од МАНУ.

„Со поддршка на вработените, од богатиот научен книжен фонд на библиотеката беа обезбедени 30 книги посветени на различни теми и области поврзани со егејска Македонија како населени места, географија, дијалекти, наречја и говори, историски настани и личности од Илинденското востание, НОБ и Граѓанската војна, од кои на Википедија на македонски јазик се уредија вкупно 26 статии од кои 15 новосоздадени и 11 значително подобрени и надополнети“, се наведува во соопштението.

Ова е прв ваков уредувачки потфат на Википедија на македонски јазик кој се одржува во библиотеката на МАНУ, која најавува дека и во иднина ќе ги отвори вратите на своите простории и на богатиот книжен фонд за уредување на енциклопедиските статии со точни, веродостојни и научно потврдени податоци, факти и информации од сите науки и уметности.