Уписи во средните училишта каде не е пополнета квотата

Уписи во средните училишта каде не е пополнета квотатаСредните училишта во Македонија во кои се уште не е пополнета квотата за прием на ученици во прва година за учебната 2013/2014 година денеска ќе примаат документи на заинтересираните ученици.

Во двете пријавувања од првиот, јунски уписен рок, интересот за гимназиите беше поголем отколку за средните стручни училишта, во кои останаа повеќе слободни места. Според податоците на МОН, во јуни се запишале 16.999 идни средношколци од 22.900 ученици колку што годинава завршија осмо одделение.

Од 34.971 место објавени со Конкурсот на МОН за 2013/2014, за августовскиот рок што ќе се спроведе денеска останати се уште околу 17.000 места. Резултатите ќе бидат објавени наредниот ден, 23 август.

„Квотата не се исполни во првиот уписен рок, посебно во средните стручни училишта. Поради фактот што средното образование е задолжително со закон, ние ќе инсистираме сите ученици да се запишат во средни училишта“, изјави вчера ресорниот министер Спиро Ристовски.

Средните училишта во кои и по 22 август ќе останат слободни места, ќе запишуваат ученици до почетокот на учебната година.