[Unknown 2014] Меки битови и фанк басови

Официјалната програма на фестивалот Unknown 2014 започна вчера со настапите на Kindness, Kim Ann Foxman, Chic ft Nile Rodgers, DJ Harvey, Chvrches, Bad Passion, Last Waltz...И годинава на Unknown нема груба поделба помеѓу дневната и ноќната програма – журките се „претопуваат“ една во друга на „Терасата“ покрај базенот и на „Главната сцена“. Во доцните попладневни часови, на „Терасата“ голем дел од посетителите на фестивалот се забавуваа на топлото сонце и лежерниот микс на The Sonic Emporium. На „Главната сцена“ зајдисонцето го пречекаа најверните фанови на Kim Ann Foxman која ја отвори журката предвидена за вчеравечер.

[Unknown 2014] Меки битови и фанк басови

Иако ги пропуштивме настапите на Kindness и Chvrches, во моментот кога пристигнавме на „Главната сцена“ голем дел од публиката беше одлично расположена и подготвена за забава до доцна во ноќта. Настапот на Chic и Nile Rodgers беше фантастичен – и покрај годините кои ги имаат најголемиот дел од членовите на бендот, песните кои ги отсвиреа звучеа како вчера да беа напишани. Неочекувано за голем дел од посетителите, озвучувањето на „Главната сцена“ беше многу тивко. Сепак тоа не ги спречи Chic да воспостават директна врска со публиката и да направат феноменална атмосфера како во една голема дискотека под полна месечина. Пред самиот крај ја отсвиреа безвременската “Let’s Dance” од David Bowie, која беше само загревање за климаксот на вечерта – најголемиот хит на Chic, “Le Freak”. За време на последните минути, најверните фанови на бендот ја добија можноста да се качат на сцената и заедно со нив да го завршат нивниот настап и истовремено, забавата на „Главната сцена“ за вечерта. Забавата тука „експлодираше“ со вешти импровизации на Nile и Chic и прекрасно направен микс од нивната „Good times” и „Rapper’s Delight” од The Sugar Hill Gang.

nile rodgers

На сцената насловена „Калеидоскопската планина на лудата ласица“, публиката (иако малкубројна на почетокот на забавата) имаше можност да го слуша изборот на Cutloose, Bad Passion, Last Waltz, Hardway Bros и Crimes of the near future. Менувајќи се постојано зад пултот,„пловеа“ низ голем диверзитет на techno, disco, space и acid траки. Од „Планината“ се упативме кон „Шумата“ – техно сцената на која како ѕвезда на вечерта беше најавен Dj Harvey, покрај People Get Real, Erol Alkan, Daniel Avery и Optimum. Harvey имаше фин избор на techno и house, на кој се забавуваа најголемиот дел од посетителите. Коментарите на неговите фанови беа дека буквално го предизвика ненадејното невреме кое го зафати Ровињ.

mala medina

Одејќи и враќајќи се кон „Шумата“, на 2 пати застанавме на „Малата Медина“ поради одличната забава која се случуваше тука. Оваа сцена е надвор од официјалната програма на фестивалот, но тоа не беше важно за голем дел од посетителите кои „груваа“ на неверојатната селекција на диџејот, чие име за жал никаде не споменато на рекламните материјали. Од funk преку blues до techno и old school rock’n’roll, присутните танцуваа на хитови стари и повеќе од 30 години.

Првата вечер на Unknown не остави воодушевени од трудот и љубовта кои се вложени во селекцијата на артистите, изработката на уметничките инсталации и сите детали кои ја формираат интимната атмосфера на фестивалот. Денес не очекува dance off-от насловен како Disco Dodgeballers како и настапите на London Grammar, Wild Beasts, Jamie xx, Seth Troxler, George FitzGerald и многу други.

Јована Ѓорѓиовска