Универзитетско студентско собрание: Интерните акти на Универзитетот дозволуваат онлајн настава

Универзитетското студентско собрание при УКИМ излезе со неколку свои предлози за функционирањето на факултетите и универзитетот за време на прекинот на наставата кој започна минатата недела, а поради појавата на повеќемина заразени од новиот корона вирус во земјава.

Соопштението го пренесуваме во продолжение:

„УСС-УКИМ веќе неколку денови разгледува повеќе потенцијални решенија за функционирањето на високото образование во периодот кој следува, а воедно инициравме и процес во кој целиот Универзитет треба да изгради став и да даде насоки како факултетите да постапуваат за време на мерките кои ги презема Владата за спречување на ширењето на Коронавирусот.

Во однос на наставата, интерните акти на Универзитетот ја дозволуваат онлајн наставата како механизам кој може да се применува за време на студирањето. Во моментов некои факултети на УКИМ работат на креирање сопствен систем за еНастава кој се надеваме дека наскоро ќе биде подготвен, а покрај интерните системи, ние како УСС ја предлагаме платформата ZOOM . US, како веќе тестирана и проверена платформа за еНастава која се користи на повеќе универзитети во светот. Трошоците за оваа платформа би биле минимални, а истата би била достапна веднаш.

Во однос на колоквиумите и испитите, предлагаме нивно одложување се додека не се креираат услови за полагање на истите. Во моментов ситуацијата е неизвесна и небезбедна, па би било несовесно да се изложуваме на дополнителен ризик. Додека да се создадат безбедни услови за полагање на испитите и колоквиумите, професорите можат да користат алтернативни начини на проверка на знаењето (семинарски), за предметите каде што тоа е возможно.

Во однос на лабораторските вежби, за жал не гледаме безбеден начин за нивна реализација. Предлагаме нивно одложување, додека не се направат услови за безбедно одржување на истите. Во моментов бараме потенцијални решенија.

Во однос на студентските патување и конференции, апелираме за нивно ИТНО откажување и стопирање на организациските подготовки за патувањата и конференциите кои треба да се случат во месеците април и мај. Со оглед на околоностите, веќе сосема јасно станува дека кризата ќе продолжи, па целосно неодговорно би било доколку се продолжи со организација и преземање на обврски за овие патувања и конференции. Преземањето на обврски за овие патувања може само дополнително да ја искомплицира ситуацијата кога истите ќе бидат официјално забранети, па затоа сметаме дека мора да се антиципира проблемот и превентивно да се делува.

Мораме да разбереме дека ова е најголемата здравствена, економска, општествена криза со која се соочуваме ние како генерација. Мораме да разбереме дека единствен начин за намалување на последиците и пребродување на кризата е целосно и максимално посветено почитување на мерките и насоките на Министерството за здравство. Доколку сакаме да изградбиме подобро утре, мораме да бидеме одговорни денес!“