Универзитетската диплома на тест пред државата

Во Уставот секому му е гарантирано правото на школување и тоа право никој не може да му го одземе. Уставот исто така ја гарантира автономијата на Универзитетот и никој друг не може да ја преиспитува универзитетската диплома. Никој досега не размислуваше за овие работи, се додека ресорниот министер Абдулаќим Адеми не најави измени во законот за високо образование, за воведување државни испити на крајот на втората и четвртата година од студиите, пишува Радио Слободна Европа во анализата на најновите промени во високото образование.

Универзитетската диплома на тест пред државата

Идеите за вакви измени некои не ги изненадија, особено не по измените во високото образование во 2011 година. Измените се случија на мала врата без консултација на академската фела, предизвикувајќи упад во автономијата на Универзитетот. Тогаш истапија неколкумина професори со јасен став против, но без поддршка од студентите.

Нарушувањето на независноста на УКИМ ја забележувавме многу пати, но никогаш досега во вака јасно изразена форма, нагласуваат професорите. Со најавата за измени во законот за високо образование, владата се надмина самата себе со апсурдни решенија кои не постојат никаде во светот, вели поранешниот министер за образование Ненад Новковски. Според него ова е јасен и недвосмислен упад на државата во општествена сфера, а во конкретниот случај во образованието.

„Целта е да се постигне некаква целосна контрола над целото општество, што во случајот на високото образование ќе биде многу комплицирано и многу штета ќе нанесе. Некои од власта ги носат заблудите од стариот систем, каде што сè се обидува да се диригира со преконтролирање, сè да контролира државата, напротив, државата треба да создава можност за подигнување на одличноста во академската средина, и додека државата се меша, таа се повеќе ќе внесува неред, фактични неквалитетот доаѓа од претераното мешање на државата, а не од лошиот систем на високо образование“, вели Новковски.

Професорите нагласуваат дека ваквото дополнително екстерно испитување го дискредитира знаењето на секој професор на државниот универзитет, бидејќи неговото стручно мислење станува ирелевантно. И дел од експертите велат дека воведувањето на екстерното тестирање на студентите, во втора и четврта година, претставува демонстрација на недоверба во сопствениот систем, но и уништување на слободат на студентите да студираат подолго време, заради субјективни или објективни причини.

Професор Мирјана Најчевска предупредува дека е крајно време државата да ги делегира работите кои се однесуваат на образованието на надлежните институции кои се стручни, за да ги спроведуваат реформите квалитетно. Која и да е целта на владиниот предлог, политика или амбиција за контрола, во позадина на предложените измени се крие незнаење кое сериозно може да му наштети на образованието, смета Најчевска.
„Навидум да, излегува дека во најголем број од случаите, целта на актуелната влада е некаков вид на контрола или некаков вид на казнување и слично, меѓутоа има многу елементи кои мене ми зборуваат дека можеби станува збор и за добронамерен проект, меѓутоа направено е на начин којшто покажува огромно незнаење, огромно не искуство и огромна немуштост во водење на елементарните државни работи“, вели професор Мирјана Најчевска.

Надлежните од друга страна, со новата реформа очекуваат филтрирање на квалитетниот кадар во високото образование и добивање на заслужени дипломи за оние студенти, кои според нив, ќе покажат квалитет и знаење. Тие оставија отворена можност за предлози и сугестии за новиот концепт преку дебати и јавни расправи и анализи, кои треба да ја вклучат академската заедница.

Прочитајте ја целата анализа на веб-страницата на Радио Слободна Европа.