Универзитетска професорка од Црна Гора препишала труд од студент

Вонредна професорка на Правниот факултет во Црна Гора препишала труд на студент кому му била менторка и го објавила како свој во белградското научно списание „Правен живот“.

Тоа го покажала анализа на двата труда од Центарот за граѓанско образование, која ја објави „Вјести“.

Студентот го одбранил специјалистичкиот труд насловен „Улогата и значењето на Судот на правдата во создавањето, толкувањето и примената на правото на ЕУ“ во јуни 2018 година. Но, неговата тогашна менторка го објавила како свој во декемвриското издание на „Правен живот“ под називот „Улогата и значењето на Судот на правдата на Европската Унија во создавањето и примената на правата на ЕУ – примери од пракса“.

Трудот на студентот има 39 страници, а како што се наведува во билбиографијата, цитирани се 12 книги – два договори на Европската Унија, а составен дел од неговиот труд се и 87 наводи од судски пракси на европскиот Суд на правдата.

Според „Вјести“, трудот на менторката е далеку поедноставен, вкупно 12 страници, но е речиси до буква препишан.

Менторката направила компилација на уводот и заклучокот од својот студент. Иако не се исто насловени, препишано е цело поглавје.

Според податоците на веб-страницата на Универзитетот во Црна Гора, професорката дипломирала на Правниот факултет во Подгорица во 2007 година, а година подоцна магистрирала во Белград. Исто така, својот докторат го одбранила во Белград во 2012 година.

Таа сега ги предава предметите „Основите на правата на ЕУ“, „Дипломатија и безбедносни служби“, „Дипломатско и конзуларно право“, „Меѓународно хуманитарно право“, „Евроатлантски интеграции“.

И студентот и професорката засега немаат коментар за случајот.