Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ одбележува 69 години од основањето

Со молебен посветен на светите браќа Кирил и Методиј со кој чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан почна чествувањето на патронатот на УКИМ како и славењето на Денот на сесловенските просветители 24 Мај.

Ректорот проф. д-р Никола Јанкуловски на свеченоста потсети дека УКИМ, што годинава одбележува 69 години од основањето, е најголемиот, најстариот универзитет во Македонија.

„Нашиот универзитет е најстарата високообразовна институција во земјава, со најголем број студиски програми што ги има над 500, така што идните кандидати, студенти на нашиот универзитет ќе имаат убава можност да одберат според желбите, потребите и афинитетите“, рече Јанкуловски.

Пред споменикот на светите Кирил и Методиј беа положени цвеќиња од претставници на факултетите и институтите во рамки на УКИМ, како и од рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак. Звањето почесен професор на Универзитетот (proffesor honoris causa) беше доделено на проф. д-р Фридрих Хербст, професор на Медицинскиот универзитет во Виена – универзитет „Зигмунд Фројд“, како признание за достигнувањата во наставно-едукативната, научно-истражувачката дејност, како и за големите заслуги во развојот на македонската абдоменална хирургија.

МИА