И Универзитетот „Св. Апостол Павле“ ги поддржа реформите во високото образование

Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид го прифати  предлогот студентите кои не го положиле првиот дел од државниот испит по втората студиска година да може да ги слушаат предметите од третата студиска година. Овој предлог претходно го даде Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип.

Во соопштението на  универзитетот „Св. Апостол Павле“, потпишано од ректорот Нинослав Марина, е наведено дека единствена цел на предлогот е да им овозможи на студентите поголема флексибилност за време на студирањето.

– Врз основа на прифатените сугестии дадени од нашиот управувачки и наставно-научен кадар, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“-Охрид дава целосна поддршка на пакетот реформи за унапредување на квалитетот на високото образование и воопшто на образовниот систем во земјата, кој го предлага Владата на Република Македонија, соопшти Универзитетот од Охрид.

Денеска се огласи и УГД според кој реформите во високото образование се прифатливи, откако нивниот предлог беше прифатен од Владата и од Министерството за образование и наука.

Сепак, меѓу факултетите кои го отфрлија предлогот за државен испит се Правниот факултет, ФОН, Факултетот за драмски уметности, Филолошкиот и Педагошкиот факултет.